Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето обраќање во Собранието на средбата на државниот врв со градоначалниците, истакна дека е потребно политичарите и целото општество да се обедини и да го поддржи пописот, бидејќи, како што рече, оваа статистичка операција е од суштинско значење за државата.

– Мојот повик денеска овде пред сите вас, сакам да биде обединувачки. Потребно е политичките партии, вклучително и опозицијата, да го поддржат и стимулираат попишувањето, бидејќи само сплотени во идејата за модерна и напредна држава можеме да успееме. Држава каде во креирањето на развојните политики ќе се користиме со ажурирани и издржани податоци, како што и ни доликува за една земја членка на НАТО и претендент за ЕУ членство, рече министерот Маричиќ.

Според него, објавувањето на методологијата по која ќе спроведе попишувањето ќе ги разоткрие сите вештачки создадени митови за тоа дека воопшто можат наводно да се фингираат резултатите од работата на македонските статистичари.

– Се надевам, дека оние кои сега работат активно на минирање на овој процес, ќе најдат причина, ставајќи го доброто на државата и граѓаните на прво место, на свој начин да придонесат за успешноста на овој процес. Во текот на следните денови сите вештачки изградени митови во однос на искреноста на Владата за организирањето на процесот ќе паднат, но потребна од статистички документи, кој е од суштинско значење за нашата држава ќе остане, потенцираше министерот Маричиќ на средбата.