Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, не смета дека суспендирањето на обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска и повлекувањето на директорот на финансиската полиција Арафат Муареми ќе влијае на ефикасноста на борбата против корупцијата во која, според него, сме покажале завидни резултати изминатите пет години.

-Муареми не поднесе оставка туку му истече мандатот и одлучи дека нема да бара продолжување. Тоа беше негова лична одлука. За суспензијата на обвинителката Рускосвка , за причините и аргументите за тоа, треба да ги прашате во Јавното обвинителство, бидејќи тоа е нивна одлука. Нам како влада ни е важно сето тоа да се случува во институциите и во законските рамки и да покажеме дека имаме механизам за справување со сите предизвици. Ние покажавме изминатите пет години завидни резултати во борбата против корупцијата какви што нема во регионот : изрековме пресуди на поранешен премиер, двајца поранешни министри за внатрешни работи, на поранешен шеф на тајна служба…Навистина има сериозен број на случаи и сериозни случаи кои добиле или се пред судска разрешница. Тоа не значи дека е доволно и дека треба да застанеме на тоа, но мислам дека институциите покажаа капацитет кога треба да испорачуваат резултати, рече Маричиќ.

Тој најави дека Владата е одговорна да го именува новиот директор на финансиската полиција и очекуваше таа одлука да биде донесена брзо.