Во интерес на земјава е детално да бидат дефинирани прашањата со Бугарија со цел да нема нови блокади, изјави денеска  вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

– Нашата цел е сите прашања за кои се разговара со Бугарија да ги ставиме во еден сеопфатен документ, за да нема нови барања по патот и да имаме писмени гаранции кои се наши обврски, а кои бугарски, рече Маричиќ за „Утрински брифинг“.

Според него, од интерес на земјата е детално да бидат дефинирани барањата и да бидат посведочени од ЕУ, за да може да ги имплементираме и кога ќе го завршиме тоа, да се тргне блокадата низ сите фази од преговорите.

Тој смета дека опозицијата треба да престане со барањето за избори и да се фокусира на важните прашања.

– Добро е опозицијата да го поддржи и да се вклучи во процесот, бидејќи што и да договориме со Бугарија ќе треба време за имплементација, тоа не се случува преку ноќ. Опозицијата треба да престане со опсесијата за избори и да се фокусира и изнесе став за важните прашања, порача Маричиќ.

Вицепремиерот посочи дека со Бугарија се разговара за повеќе важни теми и има повеќе барања, но барањето за менувањето на Уставот, вели, е најкомплицирано поради начинот на спроведување за што е потребна поголема поддршка во земјава.