На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 281 847 граѓани. Прва доза вакцина против Ковид-19 вчера примиле 3 263 граѓани, а вкупно се вакцинирале 5 407 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 488.010 дози вакцини, а ревакцинирани се 206 163 граѓани, информира Министерството за здравство (МЗ).

Со последните бројки, како што велат, 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина,  45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

-Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 458.040 граѓани.  Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, посочуваат од Министерството и апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што велат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.