Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, рече дека украинските барања може да резултираат со „трета светска војна“.

Медведев на Телеграм нагласи дека приклучувањето на Украина во НАТО ќе ги обврзе другите членки да ја бранат Украина.

Тој, исто така, додаде дека ако НАТО се надева дека ќе ја ослаби Русија на овој начин, може да очекува „Земјата да гори и цементот да се топи“.

Портпаролот на Кремљ, пак, Дмитриј Песков, изјави дека идејата на Украина да се приклучи на НАТО е „голема закана“ за Русија, што „ја нагласува важноста и итната потреба да се обезбеди нашата безбедност и националните интереси“.

Вчера украинската влада ги претстави безбедносните гаранции што ги смета за неопходни за нејзината земја по завршувањето на конфликтот со Русија.

Планот беше претставен во Киев од страна на шефот на администрацијата на претседателот, Андриј Јермак и поранешниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог, а тој предвидува оружје и обука што Украина ги бара од своите западни сојузници за да може во иднина да се брани нејзиниот суверенитет.

Во планот се предлага неколку европски земји, заедно со САД, Канада, Австралија и Турција, да бидат гаранти на безбедноста на Украина и да продолжат напорите за влез во НАТО.

Иако на почетокот на руската инвазија, Украина се понуди да се откаже од приклучување кон НАТО во замена за прекин на огнот, Киев сега вели дека е заинтересиран само за полноправно членство, а не за полабави безбедносни гаранции.