Британските инструктори во Украина ќе бидат легитимна цел на руската армија, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев.

Медведев додаде дека руските сили ќе ги уништуваат инструкторите не како платеници, туку како експерти на НАТО.

„Западот, активно вклучувајќи се во конфликтот во Украина, не турка во трета светска војна“, предупреди тој, пренесен од руските медиуми.

Медведев додаде дека британскиот министер за одбрана Грант Шапс одлучил да ги пренесе курсевите за обука на англиски јазик за украинските војници на самата територија на Украина, односно, како што вели, неговите инструктори да ги претвори во легитимна цел на руските вооружени сили.

Британски „Телеграф“, повикувајќи се на министерот Шапс, објави дека Министерството за одбрана има намера првпат да распореди свои сили во Украина, во согласност со плановите што ги разгледува воената команда и дека министерот поканил неколку британски компании од секторот на воената индустрија да отворат фабрики во Украина, пренесуваат руските медиуми.