Зоран Спасовски
Во нашиот пристап кон решавањето на прашањето за името, кој трае веќе триесетина години и кој генерално, кога за едните е решен, за другите е нерешен, може да се забележат два различни пристапа. Едниот е базиран на волја за компромис, другиот на решителност која не признава никаков компромис (освен, понекогаш, разумен).
Тој што вклучува компромис, во последно време некако почна да покажува малку поголема обмисленост, каква и да е стратегија, претходен план во врска со решавањето на прашањето. Имено, се чини дека се имаше пристап да се решат проблемите еден по еден. Без да навлегуваме во решението и дали е тоа прифатливо или не, прво се реши проблемот со Грција. И треба да се признае дека Грција во одредени случаи и го почитуваше тој договор и на пр., донесе една пресуда во корист на македонскиот јазик. Потоа се мина на прашањето со Бугарија, т.е. на влезот во ЕУ, меѓутоа ова, како што стана извесно, не успеа. Но сепак, сакаме да кажеме дека се чини како се насетува некаков план за постепеност во решавањето на прашањето.
Пристапот што се базира на решителност, од друга страна, ќе потенцираме, за окото на тие што посматраат отстрана и не знаат со какви сě притисоци се соочувале вклучените во процесот и какви сě иницијативи имало, изгледа дека нема ваква обмислена стратегија освен да опстојува на своите позиции сě додека светот не ја признае вистината. Меѓутоа, овде настанува проблем во однос на тоа што е вистина, бидејќи секој ја гледа од свој агол, а и познато е дека луѓето не секогаш ја почитуваат вистината; често и се приклонуваат кон страната на својот близок и покрај тоа што многу добро знаат дека тој не е во право и нема никаква вистина во него. Тоа секој го знае од секојдневниот живот. За авторот на овие редови логично е, ако е така, да се работи во насока на раскринкување на лагите и рушење на стереотипи, но повторуваме, тоа е впечатокот отстрана, без да се знае со што сě се соочувале учесниците во настаните.
Меѓу тие два пристапа – од причини за кои авторот на овие редови смета дека му се јасни – никогаш не се постигна никаков консензус во однос на прашањето. Двата пристапа никогаш не се усогласија, немаше ни обид за тоа. Заеднички интереси кои по секоја цена мора да се штитат и кои никако не смеат да се повредат никогаш не се исцртаа. Па потоа секој да си користи своја стратегија според својата мудрост и политичко искуство, но секогаш имајќи ги предвид тие заеднички интереси. И никогаш не се постигна некаков заеднички договор или барем консензуалност во однос на процесот на решавањето, која ќе придонесеше барем до толку да има континуитет во обидите – во смисла еден на овој или оној начин стигнал дотука, па сега друг да продолжи оттаму, на пример. А што е уште полошо, од горенаведените причини за кои авторот смета дека му се јасни, и за кои дури може да се каже дека се разбирливи на некој начин, двете страни се принудени да бараат трета страна која ќе им биде сојузник против другата. Ова ги става во позиција и никогаш да не постигнат согласност за ниедно прашање, колку и да е важно, но и да се сведат на рамниште дури и речиси на слуга на третата страна, бидејќи без неа не можат. И гака, колку и да се разбирливи тие причини, на овој начин си го земаат својот данок.
Меѓутоа, ова е тоа што се однесува само на спорот и неговото политичко решавање. За нас спорот е многу подлабоко прашање и е национално прашање. Меѓу овие два пристапа, и надвор од нив, пак, не се направи ништо за да се зацврсти националното ткиво на народот. Не се постигна, се чини и немаше ни обид да се постигне зближување меѓу православните Македонци и Македонците-муслимани. Не се разјаснија и некои болни историски прашања и меѓу самите Македонци, останувајќи така како уште една причина за двојби меѓу нив. Не се направи некаква општа национална согласност за најважните прашања, па да има лево или десно ориентирани, припадници на оваа или онаа класа, филозофија, сфаќање и сл., меѓутоа да има општа согласност за одредени вредности. Наспроти тоа, интересно е што треба да се признае дека најголемиот дел од народот сепак цврсто си стои на одредени заеднички позиции и покажува единство за кое попрво може да се каже дека главно се работи повеќе да се растури отколку да се зацврсти.
Исто така, треба да се каже и дека односите како помеѓу самите Македонци така и меѓу сите заедници значително се подобрија во последно време.
Во однос конкретно на прашањето за името, пак, нашето мислење е како прво, дека решението многу зависи и од ова народно единство, но и дека спорот требаше да ја напушти политиката и да се префрли во науката. Тоа од две причини. Прво затоа што другите страни тврдат дека ги основаат своите ставови на научни факти, па логично е тогаш да се стават во прашање тие научни факти и нивната точност. И второ, затоа што во последно време има научни откритија кои клонат да внесат речиси револуција во досегашното поимање на работите. Па ако се постигнеше некакво пошироко јавно признание, тогаш тоа можеше да се искористи во своја корист.
Инаку, ставот на авторот на овие редови е да се држи до научната вистина. Ако науката докаже, и потврди дека тоа што досега се тврди и смета е точно, тогаш никому ништо. Но некако сě повеќе се покажува спротивното, дека тоа не е сосема така.
Но како и да е, се разбира дека сě продолжува понатаму. Веќе направените договори се направени и навистина, донесоа и кај кого смирување, кај кого задоволство, но првенствено се чини ги заштитија тие што ги направија од какви било идни промени во ситуацијата.
(Авторот е научен соработник во Институтот за македонски јазик)