Германскиот канцелар Ангела Меркел за првпат даде одговор за предлозите на францускиот претседател Емануел Макрон за реформи во еврозоната прифаќајќи ја идејата за буџет за инвестиции и заштитувајќи ја идејата за формирање европски валутен фонд.

– Имаме потреба од поголема економска конвергенција меѓу државите членки во еврозоната, нагласи Меркел во интервју за Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Поради таа причина, рече Меркел, предложивме буџет за инвестиции за еврозоната во коалициски договор на новата германска влада и јас ја поддржувам идејата, вели таа.

Меркел во интервјуто го објави и предлогот за формирање Европски валутен фонд што ќе помага на држави во тешка економска состојба во замена за строги услови и надзор.

– Ние сакаме да станеме малку понезависни од Меѓународниот монетарен фонд, објасни Меркел.

Тој фонд би презел дел од прерогативите на Европскиот стабилизациски механизам што сега дава помош за финансирање долгови на држави во криза како Грција и дава долгорочни заеми.