Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за охридската онлајн телевизија истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на престојните локални избори кои треба да се одржат во октомври годинава.

Мицкоски вели дека ако во меѓувреме не формираат ново парламентарно мнозинство тогаш тоа сигурно ќе се случи после локалните избори, затоа што има десетина пратеници од владејачкото мнозинство кои што веќе кокетираат со ВМРО-ДПМНЕ.

-Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја крене раката како победник после локалните избори. Многу брзо после тоа ќе имаме ново прламентарно мнозинство, ако не успееме во меѓувреме да го направиме тоа ново парламентарно мнозинство бидејќи има 10-тина пратеници кои што се дел од владеачкото парламентарно мнозинство, кој што, би рекол повеќе или помалку срамежливо, индиректно кокетираат со нас, рече Мицкоски.

Во однос на изборните коалиции за престојните локални избори, Мицкоски истакна дека ќе имаат и предизборни и постизборни коалиции и се отворени за широк опозициски фронт со цел да се збрише акруелната политичка реалност предводена од СДСМ и Зоран Заев.