Правдата во Македонија е нападната. Селективната правда денеска во Македонија е неправда. Имаме невини луѓе по затвори, луѓе кои страдаат поради самоволието на власта и мафијата. Зошто е тоа така? Затоа што во овој хибриден режим кој го констатираат европски институции се владее со терор, со притисок и реваншизам. Ништо не се смени за овие 4 години од мафија. Тие, како пред 4 години, така и денес ветуваат исти работи. Ќе имало правда, ќе имало ред, ќе имало дисциплина. 4 години живееме во состојба на “ќе”. Оваа “ќе” влада живее во очекувањата кои ги креира, и нема решение на проблемите кои што денеска се тешка сурова реалност, истакна лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот протест против неправдите на власта.
-Една помината ноќ на невин човек во затвор е потешка од 10 години робија на криминалец. Во затворите има луѓе кои се таму поради политички прогон, а оние за кои Заев велеше дека се криминалци денес гледаме дека се најблиски до него.Целта е едноставна. Двете мафии, онаа на Заев и онаа која му се покори да му служи, сакаат да има две партии, каде сложно ќе договараат кога да се смени власта, а тоа е тогаш кога ним им одговара. Но, имаат голем проблем во тој план. ВМРО никогаш, ама баш никогаш не се покорил и никогаш никој не го покорил. Кога економијата пропаѓа, кога банка со народни поради пљачката на мафијата оди во стечај, кога земјоделците протестираат и кога притисоците се засилуваат, а некому не му е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ е тема на владините медиуми, јас ќе ви одговорам, реваншизмот е главен. Поради сето ова има гласни медиуми кои во име на власта ја трујат вистината, и затоа има медиумски обрач кој низ розеви очила ја сервира грдата, тешка и болна реалност. Оваа Влада сака да ги слушаме со воодушевување и поласканост истите ветувања за правда кои 4 години ги даваат одново и одново. Тие мислат дека народот има меморија на аквариумска рипка и дека секој миг ни е ново доживување. Каква навреда од овие самобендисани мафијаши! До кога ќе ја чекаме правдата? 30 години на овој народ му поминува во некакво чекање. Доста е веќе со празни ветувања, треба да се делува, народот бара дела! Одбиваме да ги потрошиме нашите животи во чекање. Неправда е кога се тепаат новинари. Критичарите на власта добиваат крвава глава само затоа што зборат гласно за криминалот на мафијашите и нивните слуги исти како нив мафијаши. Зарем тоа треба да се одмолчи? Еве помина време да прашам до каде е тепањето на новинар, ги најдоа ли сторителите? Што е со судските процеси врз новинари, или пак тужбите кои ги добиваат новинарите и медиумите затоа што пишуваат за криминал. Неправда е кога медиуми се напаѓаат, етикетираат, прогласуваат за “државни непријатели” за да се уценуваат нивните сопственици.
Обвинителството молчи што стотици илјади евра остануваат непокриени во извештаите на СДСМ од кампањата, а власта врши прогон кон медиуми и ВМРО ДПМНЕ за законско рекламирање. Неправда е кога главната обвинителка е главен телохранител на мафијата. Неправда е кога убијците на децата од Смилковско се на слобода а уставобранителите во затвор. Неправда е кога Гордана Јанкуловска ја носат во затвор а Заев се вози со истиот мерцедес и троши дополнителни 8 милиони евра за набавка на други возила. Во оваа држава владеат законите на криминалците. Разни криминалци се изживуваат и велат: ,,Ве чекаме во затворите, а таму тешко вам,, но, забораваат дека тракалото се врти! Тие не треба да се плашат од одмазда туку од правда, а таа ќе ги стигне сите порано или подоцна. Неправда е кога Луј Витон судството носи “трас трас” одлуки кои ги диктира Заев, а истото молчи за рекетот, панамските пари и бизнис зделките на Заев и сомнителен бизнисмен за милионски бизниси во Тетово, истакна тој.