Премиерот Христијан  Мицкоски, во одговор на новинарско прашање дали полициските акции од викендот се спроведени во целост и дали се појавиле „кртови“  рече дека такво нешто ќе има уште некое време, но оти ќе бидат пронајдени и ќе одговараат.

-Кртови ќе се појавуваат уште некое време сè додека имаме рецидиви од седумгодишното управување со институциите на претходната Влада, претходната коалиција. Но, тие кртови ќе бидат пронајдени и извадени од дупките од коишто се кријат и како глувци ќе одговараат, изјави Мицкоски, по денешното отворање на комплетно реновираниот прв кат и на клиниката за психијатрија.

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера потврди дека завчера било приведено едно службено лице со кое бил извршен службен разговор во врска со кривично дело „Оддавање службена тајна“, во врска со полициските акции месецов.

Фото: МИА