Барањето за предвремени парламентарни избори и датумот за почеток на преговори со ЕУ не се поврзани, затоа што избори треба да има што поскоро, бидејќи владата на Заев беше делегитимирана, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата во општина Гази Баба.

Македонскиот народ, посочи, заслужува датум за почеток на преговори и големо ќе биде разочарувањето ако и сега нема датум.

– Јас сум оптимист за декември и сакам да се случи датумот, овој народ го заслужува тој почеток на преговори. Не е прашање дали Димитров ќе ги брои неделите или месеците кога ќе се случи тој датум. Во Брисел треба се состане Европскиот совет, да заборави на уцените кои доаѓаат од кај нашиот источен сосед и иднината која што треба заеднички да ја градиме во Европа да ја градиме, а не да се враќаме два века наназад, изјави Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за вчерашниот краткотраен прекин во работата на ХЕЦ Вруток, како и за состојбата во РЕК Битола истакна дека одговорност мора да има ако, како што вели, сакаме да одиме напред и да учиме на грешките, бидејќи на крајот на денот сметката ја плаќа народот.

– РЕК Битола е во катастрофална ситуација работи еден блок, вториот блок со третина од својот капацитет бидејќи нема доволно количество јаглен, нема услови за да работи со 100 проценти. Тоа што вчера се случи во ХЕЦ Вруток, ЕЛЕМ го правдаат дека откажал практично осигурачот од мрежата поради претпоставувам зголемен напон, или пак зголемена потрошувачка, но и тоа е ненормална појава и тоа е нестационарна појава. Штом тоа се случува треба да видиме што е причината за тоа да се случи бидејќи единствениот хидропотенцијал кој што има колку толку некаква вода внатре во себе некаде 7-8  проценти поради тоа што другите се на 1-2 проценти ние каскадата, Вруток, која што влече вода од мавровскиот базент, и ако и таа ни откаже тогаш навистина ќе останеме без ниту еден производен функционален капацитет, рече Мицкоски.

Говорејќи за состојбите во земјава тој посочи и дека Европската банка го прекинала финансирањето на проектот за штипската болница, додавајќи дека е жално што обезбедените 13,43 милиони евра се прекинати поради слабиот прогрес.

– За жал, Европската банка го има прекинато финансирањето на проектот и тоа со заклучок дека после прогресот кој што е направен во првите 18 месеци од кога е започнат проектот, а проектот е започнат во февруари месец 2018 година и после прогресот кој што е направен во првите 18 месеци, за жал од есента 2017 година, период кога практично новата влада на СДСМ и Зоран Заев е избрана, имаме драматично намалување на активностите коишто се еднакви на нула. Поради тоа Европската банка сега одлучува да преостанатиот дел од средствата коишто ги има обезбедено за финансирање на овој проект, а тоа е клиничката болница во Штип, а коишто се во висина од повеќе од 13 милиони евра, да ги стопира, изјави Мицкоски, прикажувајќи и документ за кој рече дека допис што го испратила Европската банка со кој се прекинува финансирањето на овој проект.