ВМРО-ДПМНЕ ги нуди своите контакти за стопанствениците и Владата со цел да се набават поевтини енергенси за производство на домашна струја за потребите на стопанството која ќе биде најмалку двојно поевтина отколку што е на регионалната берза HUPX, порача денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски по средбата со претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
-Имаме индикативни понуди од нашите контакти врз основа на кои можеме да кажеме дека доколку Владата се согласи да го стави на располагање ТЕЦ Неготино на бизнисот и неговото производство да оди во портфолиото за бизнисот тогаш цената по мегават час со вклучени трошоци за мазут и за негова преработка во електрична енергија ќе биде под 200 евра за мегават час. Предлогот предвидува ставање во функција на сите производни домашни капацитети, а притоа ги ставаме на располагање сите контакти кои што ги имаме надвор од земјата во Европа и пошироко да обезбедат ресурс, доволен производните капацитети да обезбедат електрична енергија која што ќе биде за бизнис заедницата што ќе биде најмалку двојно поевтина од таа која што денеска стопанството ја плаќа споредена со референтната берза HUPX, а воедно да обезбедиме ресурс со кој што корисниците на централното затоплување во градот Скопје нема да добијат покачени сметки за топлината која што ќе користат и со кои што ќе ги затоплуваат своите домови, рече Мицкоски на прес-кнференција во просториите на ССК.
Тој нагласи дека денеска цената на електричната енергија на HUPX е над 400 евра за мегават час, а доколку се вклучат и кросбордерите ќе биде повеќе од 450 евра заедно со банкарските трошоци.
Сите контакти кои што ги имаме на располагање, кои што се последица на нашиот животен пат, посочи, успеваме да ги исконтактираме изминатиот период и ги ставаме на располагање на бизнисот, а се со цел да помогнеме да најмалку 650.000 наши сограѓани кои што работат во приватниот сектор ги задржат своите работни места имајќи в предвид дека големи производствени капацитети своето производство го ставија во мирување и голем број наши сограѓани ги изгубија своите работни места.
-Најодговорно тврдам дека Македонија е капацитативна самата да ги произведе сите потребни количини на електрична енергија и да го намали увозот на електрична енергија колку што е можно повеќе зашто компаниите стануваат неконкурентни, го губат бизнисот, а со тоа луѓето ги губат работните места. Бидејќи Владата во своето примарно сценарио го предвидува ТЕЦ Неготино за производство на електрична енергија оваа есен и оваа зима заедно со трите блока во РЕК Битола, Осломеј, хидропотенцијалот предлагаме по идентичен пристап како што тоа го направи минатата година кога купуваше гас попоскапа цена од 20 истото да го направи и годинава место да коленичи наоколку нашите контакти да и овозможат на идентичен начин ТЕ-ТО да произведува за потребите на граѓаните кои се снабдувани преку ЕВН Хоум а како нус производ да ја користат топлината со која половично ќе се затоплуваат скопјани, а другата половина да бидат дополнителни количини на гас со кои ќе работат останатите топлани, рече Мицкоски во одговор на прашање.
Најави дека до крајот на неделава или на почетокот на наредната недела ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи предлог закон за измена на Законот за енергетика, со кој ќе побара сите претпријатија кои што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството но исто така и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени на регулиран пазар.
-Доколку продолжат вака да функционираат овие три групи на субјекти тоа ќе значи дека сите оние претпријатија кои вршат јавна дејност, без разлика дали е комунална или водостопанска коишто ќе ги декларираат своите трошоци пред Регулаторната комисија за регулирање на цени за енергија и вода, по сила на правилникот ќе ги зголемат своите цени за најмалку два до три пати, а тој шок ќе го почувствуваат индустријата и граѓаните. Ќе предизвикаат дополнително губење на работни места и дополнително намалување на куповната моќ и стандардот на граѓаните, рече Мицкоски.
Порача дека не смее децата да учат онлајн туку да бидат во училишните клупи.
-На тој начин ќе го олесниме животот и на родителите, кои што денеска мака мачат доколку децата повторно учат онлајн наместо во училишни клупи да најдат кој да биде со нив додека го поминуваат времето во домовите, рече Мицкоски.
За јавните здравствени установи кои тонат во долгови рече дека на тои начин ќе им се олесни начинот на функционирање, и наместо, како што кажа, профитите да завршуваат во компании кои препродаваат електрична енергија, да можат да се ослободат од тој притисок и тие средства да ги искористат за подобрување на здравствените услуги на пациентите и нега на пациентите.
– ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција во овие тешки времиња кога државата оди директно во амбис, а имајќи го предвид фактот дека имаме една стихијна и хаотична состојба, нуди решенија како да се ублажат ефектите на оваа енергетска криза, а веќе и финансиска криза, истакна Мицкоски.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски, во Собранието ќе поддржат продолжување на кризната состојба со електричната и топлинската енергија.
-Мислам дека сега треба првпат во овие триесет и неколку години независност опозицијата да понуди решенија и да го остави можеби краткотрајно својот политичкиот интерес туку да го гледа државниот и националниот интерес, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во одговор на прашање.
Видеото може да го отворите ТУКА.