Околу 770 милиони денари обезбедила Владата за поддршка во науката, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен – темелник на доградба на ООУ „Јоаким Крчовски“ во населеното место Волково-Орман, општина Ѓорче Петров, тој нагласи дека одвоената сума е двојно повеќе споредбено со 2024-тата година.
– И во науката исто така, покрај овие инфраструктурни, би рекол капитални инвестиции, ако се спореди буџетот оваа година со оној од 2024-тата, ќе дојдете до двојно зголемување. Сега е некаде околу 770 милиони денари годишно поддршка за нашите научници, истражувачи, рече Мицкоски.
Владата, нагласи, обезбеди бесплатен пристап до две научни бази на списанија, кои научниците ќе можат да ги користат во создавање научни трудови.
– Овозможивме бесплатен пристап до две научни бази на списанија, тоа се Web of Science и Scopus, коишто исто така се првпат обезбедени од страна на Владата да бидат со бесплатен пристап за да можат научниците, истражувачите да ги користат кога создаваат свои научни трудови. Така што, апсолутно продолжуваме да вложуваме и во науката и тоа е наш прв приоритет, изјави Мицкоски.




