Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на митинг се обрати пред граѓаните во Куманово.

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од ниту еден човек, без разлика дали бил од првата, втората или третата генерација во партијата, посочувајќи ја максимата еден за сите, сите за еден.

Ние сме честити луѓе, ако знаете што значи зборот честитост и подготвен сум за сите грешки од минатото, без разлика од која генерација, човек што работи и греши, да ги прифатам на себе. Јас сум тој кој што сега го предводи ВМРО-ДПМНЕ. Јас прифаќам на себе се, но подготвен сум истовремено да понудам и решенија за тие грешки, а се што било добро да го проширам, надградам и иновирам и најобемната програма ќе ја видите на следните предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски.

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ додаде тој ќе се базира на три суштински вредности, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, економија и ширење на националниот дух и ширење на македонзимот.

А сега ќе го прашам, Зоран Заев и тие не им ги споменувам имињата, неколкумина слуги околу него. Дали се подготвени да се извинат овде во Куманово, за сите оние грабежи од транзицијата? Дали се подготвени да се извинат за Искра, за Тутунски комбинат? Дали се подготвени за Жито мел да се извинат? Дали се подготвени да се извинат за сите неправди сторени во транзицијата? Дали Зоран Заев е подготвен да се извини за пљачката од Глобал? Дали е подготвен да се извини за евро за Вицето, евро за црквата? Се сеќавате ли на Миро Свињарникот? Дали господа од СДСМ сте подготвени да се извините, а потоа да загубите на следните претседателски избори, запраша Мицкоски.

По поразот кој му следува на Заев на претседателските избори, Мицкоски посочи дека ќе се формира влада за национално единство, за потоа Заев да се охрабри и распише предвремени парламентарни избори.

Говорејќи за претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова тој потенцираше дека станува збор за најинспиративниот професор на универзитетот Кирил и Методиј. Професор кој несебично го споделил своето знаење со генерации студенти на правниот факултет.

Тогаш кога требаше, јасни и прецизни беа нејзините ставови. Тогаш кога Македонија овие луѓе ја парчеа, раскрчмуваа делеа и тргуваа со нејзината територија и во 2004-тата и ден денеска во 2019-тата. Гордана Силјановска Давкова застана на браникот и се бореше со принципите и се бореше за татковината која што е наша заедничка и на Македонците, и на Албанците, и на Србите, и на Турците, и на Ромите, и на Власите, и на Бошњаците и на сите останати. Е затоа Гордана Силјановска Давкова ќе победи на 21 април, а пота на 25 мај и потоа заедно на предвремените парламентарни избори, вели тој. Неправда е кога патриоти ги судат на два века затвор, тоа е неправда, а борци од ИСИС штотуку вратени од боиштата од Сирија на три пати помали казни. Тоа е неправда. Неправда е сето она што денеска и се случува на Македонија. Ние ова не го заслуживме, потенцираше тој.
Претседателот Мицкоски истакна дека неправда во Македонија се неисполнетите ветувања на СДСМ кон земјоделците од Росоман, Ресен, Пијанец и Малешевијата, Пелагонија и низ цела Македонија. Поради неправдите би требало да им биде срам да побараат поддршка за деспотски избраниот кандидат, Стево Пендаровски, но власта на СДСМ и Зоран Заев нема срам, додаде Мицкоски.

-Мора и тогаш кога ни викаат дека е невозможно, кога не обесхрабруваат, кога не демотивираат затоа што тоа им е задачата, да застанеме цврсто на нозе и да продолжиме да се бориме. Тоа треба да не мотивира, тој што се бори тој победува. Доаѓа зората, изгрева драги мои браќа и сестри, добри кумановчани. Изгрева зората на слободата и доаѓа правда за Македонија. Победува професорката Гордана Силјановска Давкова, заврши лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.