-Мојот кабинет ќе го сочинуваат луѓе кои ќе имаат искуство и знаење и кои ќе бидат професионалци во својата област. Секогаш кога пред мене на маса ќе се најде закон што по консултации со тие експерти околу мене ќе заклучиме дека го крши Уставот, нема да го потпишам, ќе ставам вето, но ќе побарам заради граѓаните, заради Вас да го образложам пред пратениците, оти имам право на обраќање, па нека процени народот дали се моите аргументи во ред или на оние кои заради послушноста не сакаат да го разгледаат уште еднаш или да го вратат на доработка. Тогаш јас ќе докажам дека сум од народот и за народот, рече вечерва кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на митинг во Куманово.

Таа истакна дека во Собранието на Република Македонија има пратеници кои носат одлуки без дијалог, претходно договорени, наместо разумни одлуки за доброто на граѓаните.

-Ние имаме едно партиско послушно комунистичко Собрание, ова не е навреда за минатото, туку сакам да кажам дека без опозиција, без дијалог нема делиберативна демократија оти тоа значи расправа со аргументи. Ако 81 човек таму само чекаат да притиснар на копчето бидејќи претходно веќе е донесена одлука, тогаш тоа не е парламент, вели таа.

Силјановска Давкова посочи дека во меѓународното право јасно стои дека со меѓународен договор не може да се прекрши уставот на ниту една држава, алудирајќи на Преспанскиот договор кој го склучи владата на СДСМ и Заев.

Според нејзе, волјата на граѓаните на 30-ти септември за референдумското прашање не е испочитувана од страна на граѓаните, додавајќи дека нашите претци не се бореле за Северна Македонија.

-Го сменија Уставот во незаконска постапка. Референдумот беше неуспешен. А во самиот Преспанскиот договор пишува дека референдумот треба да биде успешен и само тогаш може да ги потврди решенијата од Преспанскиот договор. Само тогаш  може да биде валиден. Но тие заборавија дека не се суверенот туку дека ја украле волјата на суверенот и си ги усвоија уставните измени. И така пишува дека вашите татковци и мајки дека се бореле за Северна Македонија, додаде Силјановска Давкова.

Таа нагласи дека сите правни акти кои не се темелат на правните норми се ништовни и лесно можат да се оспорат.

-Кога било кој акт, меѓународен или домашен, ако нема правен темел, кога не е правно втемелен, тој е правно проблематичен и нему му се заканува ништовност, оспорување и тоа по правен пат а не со сила, бидејќи силата ја оставаме на историјата. Но, ние веруваме во силата на зборот и јас ве уверувам дека тоа што го говорам го помнам, тоа што го помнам ќе го остварам. Значи не е она друга филозофија која што ја владее Македонија, кажувам, заборавам негирам, од тоа не бива реформа, објасни таа.

Силјановска Давкова побара масовна мобилизација и обединетост на граѓани за поддршка на 21 април и 5 мај се со цел да се врати правдата и правдината во Република Македонија, посочувајќи дека сака да внесе простор за една поинаква перцепција за политиката и поинакво практикување на претседателската функција, потенцирајќи дека граѓаните го имаат нејзиниот збор а таа што ветува тоа и ќе го исполни.

-Јас ветувам дека ќе се обидам да ставам едно камче во политичкиот мозаик што се вика претседател на Република Македонија, што ќе отвори простор за поинаква перцепција на политиката, за поинакво практикување на претседателската функција.