Благодарам на големата поддршка, поддршка која што лично мене многу ми значи, но истовремено и обврзува. Затоа што колку е поголема поддршката, толку и очекувањата се поголеми. Бидејќи оваа Влада на ДУИ и СДСМ нема дно кое што не го проби овие шест години, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средба со граѓаните од Струмица во рамки на активноста „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
Мицкоски додаде дека оваа активност која што ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ скоро два месеци е определена подготовка за тоа што следи, а тоа се парламентарните и претседателските избори. Со оваа теренска активност ВМРО-ДПМНЕ сака да разговара со што е можно повеќе сограѓани ширум Македонија од кои што може да се слушне што е тоа што тие очекуваат од следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ.
„Изминативе три децении поминале многу политичари, многу раце се стегнале, многу зборови се кажани, но за жал многу малку дела останале запаметени. И за жал денеска главното мислење помеѓу нашите сограѓани е дека сите се исти. Но, ние сакаме да покажеме и да докажеме дека не сме сите исти, и дека оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ се луѓе патриоти, луѓе кои што навистина сакаат да направат нешто за својата татковина, за Македонија, за македонскиот народ, но и на сите граѓани кои што се наши соседи, пријатели, кои што делат иста судбина како што и ние делиме“, рече тој.
Тој посочи дека е важно оваа активност која што ја води ВМРО-ДПМНЕ два месеци да се спроведе насекаде, да се слушнат граѓаните што е тоа што очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јасно е повеќе од било кога дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната Влада, тука не треба никој да има дилема. Победата ќе биде голема, и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната Влада. Тука да бидете сигурни“, наглас Мицкоски.
Тој укажа дека тоа што ќе го каже ВМРО-ДПМНЕ, тоа што ќе го вети, тоа ќе се исполни.
„Тоа што ќе го кажеме, ќе биде дефинирано со јасен рок и тоа ќе биде испорачано“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сакам да најавам нешто што насекаде низ Македонија го зборувам, а тоа се оние 250 милиони евра инвестиција која следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја направи во сите општини во Македонија, без разлика дали градоначалникот е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дали градоначалникот од СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, БЕСА, некоја друга политичка партија“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не ги дели општините како што ги дели оваа Влада. И идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ планира во еден четиригодишен мандат за потребите на струмичани да инвестира 26 милиони евра.
„Сакам да предупредам на една работа што периодот што следи ќе се случува, на следните избори не постои трета опција, на следните избори постои од една страна ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и од другата страна Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Маричиќ, Зечевиќ и Димитар Ковачевски. Секој оној кој што ви вели дека постои трета опција, секој оној кој што ќе ве гледа во очи и ќе ви ветува се што сакате да слушнете немојте ве молам да заборавате дека тој има таква задача токму од овие 6-мина кои што ви ги споменав Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Маричиќ, Зечевиќ и Димитар Ковачевски. Тие кои што ќе се претставуваат како трет пат имаат единствена цел антивладините гласови да ги разделат, да го поделат македонскиот гласач“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека да не дозволи македонскиот гласач да се подели, бидејќи тоа е целта на власта за да ВМРО-ДПМНЕ да не дојде до зацртаните 61 пратеник. А, целта на ВМРО-ДПМНЕ е 61 пратеник во македонскиот парламент.
„Верувам дека Македонецот кога е најтешко се обединувал. Знам, го чувствувам тоа кога го гледам секој еден човек чија што рака ја стегам овие веќе два месеци ширум Македонија, дека овој пат народот ќе се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е идентитетот македонски“, порача Мицкоски од Струмица.