Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски изрази оптимизам дека процесот на евроинтеграција на Македонија може да се забрза, повикувајќи се на неодамнешните билатерални средби со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Тој нагласи дека, и покрај новите иницијативи од Европската Унија и пораките од дел од соседните држави, Владата останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени без претходни конкретни гаранции од ЕУ за заштита на македонскиот идентитет.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна дека токму овие средби му дале поширок увид во идните чекори на Унијата кон регионот, посочувајќи дека е запознаен со насоките на новиот европски пристап кон Западен Балкан.
Според него, новиот план на Франција и Германија предвидува механизми кои овозможуваат напредок на земјите од регионот, дури и без промени во постојните европски договори.
-Нивото на односи помеѓу Западен Балкан и Европската Унија е на многу повисоко ниво, ни се отвораат многу повеќе механизми и алатки коишто ќе ги користиме во периодов, изјави премиерот.
Тој додаде дека во неформалните разговори со европските партнери било констатирано дека Македонија е меѓу најактивните држави во спроведување на реформите предвидени со Планот за раст.
Мицкоски, сепак, не откри детали од билатералните средби, нагласувајќи дека содржината на дипломатските разговори останува доверлива.




