Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со амбасадорот на Република Италија, Карло Ромео.

На средбата се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во државата како и стратешките приоритети на Република Македонија, наведуваат од партијата.

Мицкоски истакнал дека европската перспектива е клучна стратешка определба за Република Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ и дека партијата има план и знае како да ја стави државата на брза лента кон Европската Унија. Државата во моментот е блокирана како последица на недостатокот на реформи и погрешните политики на владата на Заев, посочил Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на своите соговорници им ја посочил корупцијата и криминалот како крупен проблем со кој се соочуваат македонските граѓани, домашните, но и странските бизнисмени. Тој напоменал дека ВМРО-ДПМНЕ бара брза разрешница на сите оние корупциски скандали во кои се вмешани високи претставници на власта како случаите „Рекет 1“, „Рекет 2“, Рашкоски.

Покрај проблемите со владеењето на правната држава, Мицкоски ја посочил и влошената економска состојба која резултираше со ниско ниво на странски инвестиции кои се клучни за развој на македонската економија, како и ниската реализација на капиталните инвестиции и падот од 7 места на извештајот на Светска Банка „Дуинг Бизнис“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.