Час поскоро треба да се случат предвремени парламентарни избори. Ова парламентарно мнозинство и владата на ДУИ администрирана од Ковачески се одржува на вештачки начин, порача денеска од Охрид Христијан Мицкоски, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Тој најави дека наскоро опозициската партија ќе предложи и активности во насока на што поскоро распишување нови избори.
– Подготвени сме и до Парламентот ќе доставиме измени на Изборниот законик, во кои што нема да има техничка влада односно сто дена губење време на граѓаните, туку ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, порача, не се противи да се оди на избори и со постојниот состав на владата.
– Ако се исплашени нека остане Спасовски министер за внатрешни работи, нека остане новиот министер за труд и социјала…Нема да има од опозицијата заменици во земјоделство, финансии, во информатичко општество, нека остане оваа влада каква што е и да одиме на предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски, притоа најавувајќи дека опозициската партија е подготвена да разговара и за воведување на една изборна единица.