Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ги повика утре на протест членовите на партијата и сите граѓани, кој ќе започне во 18 часот пред Обвинителството на кејот на реката Вардар до Врховниот суд.

Мицкоски побара одговорност од поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев по вчера објавената аудио снимка на која се слуша како Заев зборува за Законот за јавно обвинителство и Врховниот суд.

Мицкоски рече дека Заев јавно ја признал автентичноста на аудио снимката.

-Суштински аудио материјалот покажува дека Заев е виновен за неправдата и тука се клучни три работи што се откриваат. Прво, имаме јавно признание дека Заев ја злоупотребил службената должност диктирајќи одлуки на Врховен суд. Второ, тој јавно признава дека се влечат случаите и дека таа негова стратегија ја знае и СЈО и Катица Јанева која била свесна за сето тоа и трето, шемата како да паднат случаите била јасна или закон за обвинителство или „трас – трас“ одлука на Врховен суд. Значи, освен премиер бил и судија и обвинител, рече Мицкоски на прес-конференција.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека државното Обвинителство за сето ова молчи, како и сите други надлежни.