Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање, а во врска со вчерашното невреме, истакна дека градоначалниците со нивните тимови и претпријатија излегоа на терен и ги санираа штетите.

-Санацијата по епското невреме продолжува и денеска. Штетите ќе се констатираат и согласно закон и искуство од минатото, ќе биде од страна на надлежните институции сето тоа рефундирано, посочи премиерот.

Додаде и дека Владата има механизми за помош, како и во секоја елементарна непогода.

Во вчерашното невреме лекарска помош побарале 33 лица (вкупно од Ургентен клинички центар и Универзитетска Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски”). Оштетувања се регистрирани на објекти од витално значење за државата.

Во вчерашното невреме, како што информираше МВР, оштетени се и објектите на Основното јавно обвинителство, комплексот „Вила Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.

Оштетувања има и на ГОБ „8 Септември“ и штипската болница.