МИЦКОСКИ ВО СТРУГА: Ова ВМРО е поискусно од тоа во 2016!

/ 16.02.2019

Ќе кажам дека ова ВМРО е поискусно од она од 2016-та или 2011та, и свесно за сите свои минати недостатоци. И сега знаеме точно што треба. И знаеме како, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од конвенцијата во Струга на која партијата избира кандидат за претседател на претстојните претседателски избори.

„Имаме многу работа пред нас. Ќе понудиме решенија, ќе понудиме нестрашлива енергија и план кој ќе мора да ја избави нашата земја од кризата во која сме втурнати и која е клекната на колена. Власта е во паника. Нема резултати и секојдневно или лажат или смислуваат вештачки теми за одвлекување на вниманието. Веќе договорот со Грција не е главна тема, народот веќе не потклекнува и на оние обиди за заплашувања или ршења на духот, затоа што се повеќе луѓе не се плашат. Не се плашат и пркосат.“

Мицкоски потенцира дека граѓанската платформа за борба против сиромаштијата објави дека денес 500 илјади наши сограѓани живеат во сиромаштија, рангирањата покажуваат дека корупцијата во Македонија е полоша и поголема од онаа во Руанда и Свазилен.

-За само една година Владата со своето расипништво го зголеми јавниот долг нa над 5.2 милијарди евра. Сега не дебатираме за зголемување на пензии, туку дискусијата е зошто ги намалуваат. Ги зголемија даноците, ги отповарија земјоделците, оние со авторски договори. Инвестиции нема, а како и да има кога нема човек во јавноста кој ги знае имињата на министрите кои земаат плата за да привлекуваат инвестиции, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На Македонија и е потребна надеж, светлина, демонстрација на тоа дека може поинаку, и дека не е се загубено, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на конвенцијата во Струга каде се избира партиски кандидат за претседател на државата за претстојните избори што ќе се одржат на 21 април, годинава.

-Јас го земам бајракот, со сите еден од вас, подеднакво како и вас, до вас и со вас, и ви велам, ќе победиме. Ве гледам во очи и ви велам, ќе победиме! Ќе ги донесеме промените кои се потребни, а Македонија ќе ја сочуваме. Ќе донесеме подобро утре, со план и со стратегија, со срце и со длабок разум, за нашата земја, рече Мицкоски и додаде:

„Македонија повеќе нема време за губење, и нема повеќе причини за залудно трошење на уште животи за да чекаме да дојде подобро. Тоа мора да биде сега. И имаме огромна причина за сето ова, имаме огромен мотив за нашата борба. Нејзиното име го изговараме со огромна почит и емоција која доаѓа од нашето срце и која допира и до нашите корени, нашите дедовци и прадедовци, она што сме, збор кој и во 21-от век ни создава немири. Но ние ќе опстоиме за Македонија! За Македонија! За честита Македонија!“.

 


Од истата категорија