Министерството за одбрана ја плати првата рата од договорот со Министерството за одбрана на Франција за набавка на системот за противвоздушна одбрана на мали височини Мистрал.

Првата рата во висина од 695 милиони денари, или околу 11,5 милиони евра, е исплатена на 3 ноември.

-Ви потврдуваме дека износот за кој прашувате се однесува на првата рата од набавката на Систем за противвоздушна одбрана, а останатите рати ќе се исплаќаат во текот на 2023, 2024 и 2025 година, потврди Министерството за одбрана за „Фактор“.

Вкупниот износ за овој договор е 66 милиони евра.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска реферираше дека не постои конкретна закана за напад врз нашата држава, меѓутоа инвестициите во одбраната се дел од стратегискиот одбранбен преглед и дел од сите долгорочни планирања.

– Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата, гласеше претходното објаснување од министерството за потребата за купување на оваа воена опрема.