Министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со заменик-министерот Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, градоначалникот на Тетово Билал Касами, делегација на Светска банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посетија Клиничката болница во Тетово. На средбата присутен беше и директорот на Клиничката болница Тетово, Ерзен Елези.

На средбата, како што соопшти Министерството за здравство, бил презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и модернизација на болницата. Проценетата вредност на инвестицијата изнесува 4,56 милијарди денари, односно околу 74 милиони евра, а конечниот финансиски модел ќе биде утврден по изработката на потребните анализи и спроведувањето на предвидените постапки.

– Проектот предвидува реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок,  изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности, посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија, набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи, отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс – се наведува во соопштението.

Според министерот Клековски, ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници.

– Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење – нагласува Клековски.

Инвестицијата, како што посочи, е од непосредно значење за околу 251.500 жители на полошкиот регион и треба да овозможи повеќе локално достапни услуги, пократко време на чекање и помалку упатувања во Скопје.

Во рамки на посетата, со претставниците на Светска банка биле разгледани следните чекори за реализација на проектот, меѓу кои подготовка на физибилити студија, изработка на техничка документација, анализа на трошоците и придобивките, како и дефинирање на одржлив модел на финансирање.

Министерството за здравство најави дека во соработка со Фондот за здравствено осигурување, Општина Тетово и раководството на Клиничката болница, ќе обезбеди координирана подготовка, транспарентност и институционална поддршка во сите фази од реализацијата на проектот.

-Модерна тетовска клиничка болница значи посилно регионално здравство и поквалитетна здравствена заштита поблиску до граѓаните – се додава во соопштението од Министерството за здравство.

Фото: Министерство за здравство