Додека јавноста чека на празната фасада на зградата на Владата, од која ноќеска беше тргнато името Република Македонија, да биде поставено новото име, дел од институциите веќе се преименуваа.

Па така Министерството за финансии за коресподенција користи меморндум со името Северна Македонија, иако, според Владата, се чека во Службен весник да биде објавен датумот на влегување во сила на уставните амандмани и уставниот закон.
Од Атина денеска се очекува Вербалната нота со која ќе го информира Скопје дека се ратификувани Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО, и исполнети сите правни услови за влегување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани, со што почнува примената на новото име Република Северна Македонија.
Од Владата рекоа дека формира Интерресорска група која ќе треба да изработи Национален акциски план за спроведување на натамошните мерки и активности, а во рок до седум дена државните институции, граничните премини и диоломатско-конзуларните претставништва ќе треба да ги сменат таблите со новото име на државата – Република Северна Македонија.
Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик бидејќи, како што изјави неодамна владиниот портпарол Миле Бошњаковски, Албанците се 20 проценти на државно ниво.