„Право и правда во Македонија веќе не постојат. Институциите во целост се ставени во служба на власта. Се злоупотребуваат и законите и сите државни ресурси за политичка пресметка со сите кои мислат поинаку“, истакна на денешната прес конференција по апсењето на Стевче Јакимовски, Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Зоран Заев и Стево Пендаровски се исплашени од граѓаните. Паниката, вели Мисајловски, е толкава што СДСМ, денес, на еден месец пред претседателските избори реши да го апси лидерот на една од поголемите опозициски партии. Денешното апсење на Стевче Јакимовски е политички прогон и обид за заплашување на опозицијата.
„Тие знаат дека ќе ги загубат претседателските избори и затоа монтираат судски процеси и апсат секој што може да им се спротивстави. Ваквото однесување на Зоран Заев има две цели. Да испрати порака дека тој може да направи што сака и дека сите треба да му се плашат без да помислат да се спротивстават и втората цел да се сврти вниманието од сите предавства, криминали и непотизам на власта кои секојдневно ги гледаме“, вели Мисајловски.
„Заев и Пендаровски се исплашени затоа што рејтингот кај граѓаните одамна им е паднат, а тоа впрочем го призна и самиот Зоран Заев. Секогаш кога СДСМ паѓа Русковска обвинителството и Кацарска судството отвораат нови монтирани процеси и шиканираат луѓе по судови. Ова е втор обид да го исплашат и скршат Стевче Јакимовски и ГРОМ кои продолжија да делуваат опозициски. Ова е нов неоснован обид да се загуши опозицијата“, одадава Мисајловски.
Тој истакнува дека единствена причина што после две години власта апси и прогонува е затоа што очајно губат, па мислат дека со злоупотреба на институциите и со малтретирање на оние кои мислат поинаку ќе се задржат нешто повеќе на своите функции.
„Апсењето на Јакимовски е монтиран прогон, исто како што е и случајот 27-ми април, каде десетици професионалци од безбедносните служби и граѓани патриоти се соочија со драконски казни за дело кое воопшто и не го сториле. ВМРО-ДПМНЕ ја уверува и власта и граѓаните, дека за сите овие монтирани судски процеси и прогон кој го врши врхушката на власта и нивните извршители низ институциите ќе одговараат кога ќе се врати правната држава и владеењето на правото во Република Македонија. Постапувањето на секој поединец ќе биде анализирано и процесуирано. Секој еден кој врши политички прогон и е маша во рацете на власта мора да знае дека одговорност ќе има. Ниту еден криминал нема да остане неказнет. Правдата ќе победи“, изјави Мисајловски.