Нема друг политички подмладок кој организира Саем на млади каде секој може да даде идеја, за која се обврзуваме како идна влада ја реализираме. Би била горда да можеше да се зборува за поубави работи, меѓутоа мора да сме свесни дека тоа е за жал нашата реалност која ја живееме, имаме две опции, едната да премолчиме, а другата е да се спротивставиме. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која секогаш се спротивставува на погрешните политики со кои за жал СДС и ДУИ ја носат државата во лошо ниво, изјави Марија Митева, член на ИК и портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната панел дискусија за Животна средина на Саем на проекти за млади од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, „Иднина за сите во Македонија“.

Митева истакна дека темата поврзана со рудникот Иловица, е уште еден доказ дека оваа коалиција на СДС и ДУИ е ништо друго освен само бизнис зделка коалиција.

– Ниту е коалиција која се заснова на програмски цели, ниту врз основа на интереси за Македонија, напротив, се заснова на лични бизнис интереси и колку повеќе тие се богатат толку повеќе македонскиот граѓанин останува сиромашен. Откако сите се побунија и стана јасно дека владата дала одобрување за спојување на концесиите и надевајќи се дека тоа ќе помине далеку од очите на граѓаните, сепак се дозна, па веднаш владата се обиде прстот да го впери кон некој друг и да каже дека ВМРО-ДПМНЕ дала концесија. Моравме да ја објасниме вистината и дека таа концесија е дадена првично од владата на СДС и ДУИ од 2006 година еве 17 години потоа им стои желбата за оваа зделка, рече Митева.

Митева нагласи дека во моментов има човек кој важи за човек близок во ДУИ кој влегува со удел како концесионер и магично после само 15 дена од тоа, Управен суд носи одлука за поништување на одлуката за раскинување на концесијата.

– Само од овие две работи се гледа како било договорено предвреме за да се извлечат пари од буџетот. Гледаме дека владата е спремна да удри врз здравјето и живото на граѓаните од струмичкиот крај и да не се грижат дали оваа фирма има познавање во областа. Фирмата на Дестани е истата која се обврза да гради електрични коли, а ништо нема од таа фабрика. И овој човек добива дозвола од владата за која во моментот кажува дека била измамена од министер во истата влада, изјави таа.

Митева нагласи дека од владата додека носат одлука за рудник, покажувајќи се како борци против рудник се појавуваат на протестот организиран од граѓаните.

– Ова ги покажува страшните бизнис интереси на оваа влада и од сите небулози не слушнавме одговор, како биле доведени во заблуда, зошто дозволиле да има Дестани дозвола да влезе во сопственичкиот удел иако владата можела тоа да го спречи и уште едно прашање дали Дестани има поднесено студија за заштита на животната средина до надлежното министерство? Нашите информации говорат дека нема. Факт дека ќе направат се само да им поминат нивните бизнис зделки наспроти и на штета на граѓаните. Зошто дозволија да се спојат концесиите, и ако велеа дека нема рудник или пак да влезе Дестани па ако оди случајот на арбитража парите да одат во СДС и ДУИ, изјави Митева.