Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи ја посети Јавната установа Специјален завод -Демир Капија.
Целта на посетата беше да утврди и на лице место да се увери и да види во какви услови престојуваат штитениците на Заводот.
Од средба и разговорот со вработените, како што информираат од МТСП, министерката Мизрахи беше информирана за моменталната состојба во Специјалниот завод-Демир Капија, а од најавените реконструкции на Заводот, според неа, видливи се само обоените ѕидови.
-За хуманоста во условите во коишто престојуваат овие корисници не можам да зборувам. Овие услови се нехумани, нечовечни. Ова е чист ужас. Од најавените поправки на Специјалниот завод можеме да најдеме обоени ѕидови, додека инсталацијата водоводна, електрична е сѐ уште онаа од 56-та односно 58-ма година. Условите за хигиена се никакви, луѓето се препуштени сами на себе, изјави Мизрахи по обиколката на Специјалниот завод.
Од помпезните најави, додаде, можам да кажам дека на почетокот на владеењето на СДСМ оваа установа имала 227 корисници со 41 неговател.
-Тоа значи еден неговател секој ден се грижел за шест корисници. Мисијата е невозможна. На еден корисник треба да има еден неговател, посочи Мизрахи и нагласи дека ќе се заложи оваа состојба да се промени, а штитениците да ја добијат потребната грижа, нега и пред сѐ човечни услови за живот, бидејќи, како што рече, секој заслужува да има пристоен живот.