Долго време молчев на темава од причина што не сакав да посветам внимание на оние кои мислат дека со сила можат да ме заплашат и замолчат, објави денеска поранешната министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, која се пожали дека оваа власт долго се обидува да ја замолчи.

– И не само што не ме замолчија, туку ме направија уште поодлучна и похрабра. Денес, конечно е време и јас ќе проговорам за сите обиди да ме замолчите и да ме заплашите, иако ваквите обиди датираат од поодамна, ги преминавте сите граници. Денес ќе зборувам гласно затоа што антисемитизмот и вербалните напади, преминаа во писмени закани, следење, пречекување пред влезот во кој живеам и тропање по влезната врата од мојот дом во раните утрински часови… Денес зборувам затоа што ми е доста од луѓе со качулки кои ме пресретуваат и фотографираат, луѓе кои со возила ми го пресекуваат патот, па бегаат, доста ми е од вашата монструмска желба да демонстрирате сила со викање, заканување и силеџиство по семафори. За сите овие настани се информирани надлежните институции, објави Мизрахи на својот профил на Фејсбук.