Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) ги повикува сите земји членки на Обединетите нации да преземат итни мерки, во согласност со нивните меѓународни обврски, во одбрана на човековите права на Македонците.

„Ги повикуваме организациите за заштита на човековите права, медиумите, новинарите, политичките партии и сите други страни кои се навистина заинтересирани за заштита на човековите права, да побараат одговорност од своите држави и да објават јавни прогласи во одбрана на Македонците“, се вели во соопштението од ММЧДП.

Во продолжение целото соопштение од ММЧДП:

Меѓународните договори за човекови права ги обврзуваат земјите потписнички веднаш да застанат во одбрана на Македонија и на Македонците, особено против бруталното кршење на човековите права кое го врши режимот на Зоран Заев, експоненцијалниот раст на злосторства од омраза против Македонците низ Балканот и главниот поттикнувач на кршењето на нашите човекови права – шокантното принудно преименување на Македонија наложено од Западот.

Земји кои многу гласно тврдат дека ги почитуваат меѓународните договори за човекови права (пред се членките на НАТО и ЕУ) во исто време најбрутално ги кршат човековите права за да издејствуваат промена на македонското име, идентитет и историја – сѐ со цел да ги задоволат барањата на неколку земји членки и да ги реализираат своите искривоколчени надворешно-политички цели. Јавна цел на Грција и Бугарија е да го прикријат постоењето на Македонците и да ги прогонат Македонците кои живеат во тие две земји, да го избришат македонскиот етнички идентитет. А другите земји – членки на НАТО и ЕУ не само што целосно ги поддржуваат во нивната цел, туку и отворено се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и помогнаа да се извршат најбруталните кршења на човековите права на Македонците.

Меѓу овие кршења на човековите права се: апсење на дисиденти, напади со полициски специјалци врз мирни демонстранти, бркање од работа (од јавниот и од приватниот сектор) на илјадници Македонци, затворање на медиуими и изрекување затворски казни за новинари, блокирање на пристап до социјалните медиуми како за граѓани така и за медиуми, забранување и криминализирање на употребата на зборот „Македонија“, вршење истраги и заплашување на македонски граѓани, со физички и напади и подметнување пожари, незаконското долготрајно апсење на македонски политички затвореници кои се држат во ужасни услови.

Првото отворено кршење на обврските на меѓународната заедница се случи во самите Обединети нации – таму, со принудното менување на името на Македонија, беа прекршени два основни принципи: член 2 (1) – oрганизацијата е заснована на принципот на суверена рамноправност на сите нејзини Членки; и член 2 (7) – ништо содржавно во оваа Повелба не дава овластување на Обединетите Нации да интервенираат во прашања кои се целосно дел од домашна надлежност на која било држава, ниту пак ќе се користи за членките да потчинат вакви прашања на преговори под оваа Повелба.

„Суверена“ и „рамноправна“ членка има право на своето име, идентитет и историја. Ништо не им дава право на ОН да се мешаат во внатрешните работи на која било држава. Законски и морално, ОН немаа право да наложат, а не пак да бараат, промена на името, идентитетот и историјата на Македонија и на македонскиот народ. Сепак, ОН го поттикнаа кршењето на човековите права, како и засиленото кршење на човековите права и злосторствата од омраза кои се вршат врз Македонците во Бугарија и Грција.

Еве некои од многуте конвенции за заштита на човековите права кои ги повикуваат потписничките веднаш да застанат во одбрна на Македонците. Дел од нив се: Универзалната декларација за човекови права („Сите луѓе се родени слободни и еднакви во нивното достоинство и права, и сите имаат право на целосните права и слободи наведени тука, без никакви ограничувања, особено не во зависност од расата, бојата на кожата или националната припадност“), Меѓународната конвенција за елиминирање на сите видови расна дискриминација („Ги сметаме сите човечки суштества за еднакви пред законот и дека сите имаат право на еднаква заштита според законите, без дискриминација или било какво поттикување на дискриминација“, член 4 – „Државите потписнички ги осудуваат сите видови пропаганда и сите организации кои се засновани врз теориите на супериорност на една раса над другите или на една група лица од една боја или национално потекло над другите, или кои се обидуваат да ја оправдаат или поттикнат расната омраза и дискриминацијата во било која форма, и ќе презмеме итни и позитивни мерки насочени за бришење на секој вид поттикнување или секој акт на дискриминација“), Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (Советот на Европа ја истакнува РКЗНМ како „првиот законски обврзувачки мултилатерален инструмент посветен на заштитата на националните малцинства низ светот“), Меѓународната конвенција за граѓански и политички права, Конвенцијата против измачување и друго сурово, нехумано и понижувачко однесување или казнување…

Македонското меѓународно движење за човекови права