Молитви кон светите Архангели за секој ден

Во Недела

Свети Архангеле Варахиил, кој ни носиш благослов од Господа, благослови ме да поставам добар почеток, да го исправам мојот запоставен живот и да Му угодувам во се на мојот Господ и Спасител во вечни векови. Амин.

О, Свети Небесни Началници, помолете Го нашиот Господ Исус Христос да не удостои да направиме добар почеток!

vozdvizenie.jpg

Во Понеделник

Свети Архангеле Божји Михаил, отстрани го од мене со твојот молскавичен меч лукавиот дух кој ме искушува. О, велики архистратиже Божји Михаиле – поразителу на демоните! Порази ги и уништи ги сите мои непријатели, видливи и невидливи, и помоли Го Господа Седржителот да ме спаси и заштити од таги и секакви болести, од смртоносни рани и изненадна смрт, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.

Освен во понеделник, на свети Архангел Михаил се принесуваат молитви за заштита од крадци, зла, непријатели, природни непогоди, војни и изненадна смрт.

О, свети Архангеле Михаил, светлообразен и страшен војводо на Небесниот Цар! Пред Страшниот Суд, дај ми да се покаам за моите гревови, избави ја душата моја од непријателските замки и приведи ја кон Бога Кој ја создал и седи на Херувими и моли Му се за неа усрдно – со твоето посредување, да ја приведе во место на покој. О, страшен војводо на Небесните Сили, застапнику за сите пред Престолот на Владиката Христос, силен заштитнику на сите луѓе, мудар војнику, крепок војводо на Небесниот Цар! Помилуј ме мене, грешниот, кому му е потребно твоето застапништво, заштитити ме од сите видливи и невидливи непријатели, избави ме од смртниот ужас и ѓаволските привиденија и удостој ме непосрамено да застанам пред нашиот Создател во часот на страшниот и праведен Негов суд. О, сесвети велики Архистратиже Михаил! Немој да ме презреш мене, грешниот, кој во молитва ја барам твојата помош и застапништво во овој век, како и во идниот, но удостој ме таму, заедно со тебе да Го славам Отецот и Синот и Светиот Дух во вечни векови. Амин.

Друга молитва

Господи, Боже Велик, беспочетен Цару, испрати го Господи, Архангелот Твој Михаил на помош на Твоите слуги (имиња). Заштити не Архангеле од сите непријатели – видливи и невидливи. О, велики Господов Архангеле Михаил! Поразителу на демоните, закани им се на сите непријатели кои се борат со мене и направи ги како овци, смири им ги злобните срца и порази ги како прав пред лицето на ветерот. О, велики Господов Архангеле Михаил! Шестокрилен прв кнез и војвода на Небесните Сили – Херувимите и Серафимите, биди ни помошник во сите беди, таги, жалости, во пустина и на море – тивко пристаниште. О, велики Господов Архангеле Михаил! Избави не од секакава ѓаволска прелест, кога ќе не услишиш нас грешните кои ти се молиме и го призиваме твоето свето име. Побрзај да ни дојдеш на помош и сите кои ни се спротивставуваат победи ги со силата на Чесниот и Животворен Крст Господов, по молитвите на Пресвета Богородица, на светите Апостоли, Светиот чудотворец Никола, Светиот, заради Христа јуродив – Андреј, светиот пророк Илија и сите свети великомаченици: светите маченици Никита и Евстатие, и сите преподобни оци наши кои од памтивек на Бога Му угодиле, и сите свети Небесни Сили.

О, велики Господов Архангеле Михаил! Помогни ни нам, грешните (имиња) и избави не од земјотреси, поплави, оган, меч и изненадна смрт, од секое зло, од ласкав непријател, од бура што понесува; избави не од лукавиот занавек, сега и секогаш и во вечни векови. Амин. Свети Архистратиже Божји Михаил, со молскавичниот твој меч отстрани го од мене лукавиот дух кој ме искушува и истоштува. Амин.

О, свети шестокрилати Серафими, принесете ја вашата многумоќна молитва кон Господа, за да ги омекне Господ нашите ожесточени срца, па да се научиме Нему, на нашиот Бог сите да Му веруваме: и зли и добри; научете не да им проштеваме на нашите должници, за и Господ да ни прости нам.

vozdvizenie.jpg

Во Вторник

Свети Архангеле Гаврил, кој неизречена радост од Небесата на Пречистата Дева И  донесе, исполни го со радост и веселба моето срце, ог гордост преогорчено. О, велики Архангеле Божји Гаврил, ти си И  благовестил на Пречистата Дева Марија за зачнувањето на Божјиот Син. Извести ме и мене, грешниот, за денот на страшната смрт и помоли Го Господ Бог за мојата грешна душа, да ми ги прости Господ сите мои гревови и да не дозволи злото да ме задржи на страшните митарства. О, велики Архангеле Гаврил! Запази ме од секакви неволји и тешки болести, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

О, многуочити Херувими, погледнете го моето безумие, исправете го мојот ум, обновите ја смислата на мојата душа, да слезе на мене, недостојниот, премудрост небесна, за да не грешам со слово, да го скротам јазикот свој, така што секое мое дело да биде направено за слава на Небесниот Отец.

Во Среда

О, велики Архангеле Божји Рафаил, кој од Бога прими дар да исцелуваш болести, исцели ги неизлечивите рани на моето срце и многуте мои телесни болести. О, велики Архангеле Божји Рафаил, ти си патеводител, лекар и исцелител; раководи ме кон спасение и исцели ги сите мои болести, душевни и телесни; поведи ме кај Престолот Божји и помоли Го Неговото милосрдие за мојата грешна душа, да ми прости Господ и да ме заштити од сите мои непријатели и од зли луѓе и сега и вечно. Амин.

О, свети Богоносни Престоли, научете не на кротоста и смирението на нашиот Владика Христос; дарувајте ни искрено спознавање на нашата немоќ, на нашата ништожност, дарувајте ни победа во борбата со гордоста и празната слава. Дарувајте ни простота, чисто око и смирено сознание.

Во Четврток

Свети Архангеле Божји Уриил, озарен со Божествената Светлина и преобилно исполнет со оган на пламена љубов; запали искра на пламен оган во моето студено срце и озари ја мојата темна душа со твојата светлина. О, велики Архангеле Божји Уриил, ти си блесок на Божествениот оган и просветител на помрачените од гревови; просвети го мојот ум, моето срце и мојата волја со силата на Светиот Дух, постави ме на патот на покајанието и помоли Го Господ Бог да ме избави од адот и од сите видливи и невидливи непријатели, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

О, свети Господства, кои секогаш престојувате пред Небесниот Отец, помолете Го нашиот Спасител, Исус Христос, да ја запечати во нашата немоќ својата царска сила и да ни подари благодат, па да се очистиме со таа благодат, да пораснеме со таа благодат, да се исполниме со вера, надеж и љубов.

Во Петок

Свети Архангеле Божји Селафиил, кој им даваш молитва на оние што се молат, научи ме и мене да се молам со смирена, скрушена, сосредоточена и умилна молитва. О, велики Архангеле Божји Селафиил, ти Го молиш Бога за верните луѓе; помоли Го Неговото милосрдие и за мене, грешниот, да ме избави Господ од сите беди и неволји, од болести и изненадна смрт и од вечните маки, и да ме удостои Господ со Царството Небесно, заедно со сите Светиии во вечни векови. Амин.

О, свети Небесни Сили, помолете Го нашиот Господ да го поттикне во нашата душа сознанието за нашата немоќ, слабост и ограниченост, и секогаш во нас да има простор за Божественото дејствување. Во часот на нашата смрт, подарете ни благодат, од Бога дадена, та да стекнеме милост од Господа на Силите, Кому Му прилега пофалба и поклонение.

Во Сабота

Свети Архангеле Божји Јегудиил, секогашен помошнику на сите кои се подвизуваат на Христовиот пат! Разбуди ме од тешката мрзливост и укрепи ме со добар подвиг. О, велики Архангеле Божји Јегудиил, ревносен заштитнику на Божјата Слава, ти сите ги будиш на прославување на Светата Троица; разбуди ме и мене, мрзливиот, да Ги славам Отецот и Синот и Светиот Дух, и помоли Го Господа Седржителот да создаде во мене чисто срце и правиот дух да го обнови во утробата моја, да ме утврди во Дух Владичен и во вистината на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

О, свети Небесни Власти, молете Го за нас Небесниот Отец, дарувајте ни мудрост и расудување за да ги разобличуваме и уништуваме сите ѓаволски помисли со Исусовата молитва и вашето посредништво; да стекнеме чист, јасен и молитвен ум, срце – полно со благост, и волја – кон Господа обратена.

 

Крај и слава на Бога за се! Амин!

         (превод МПЦ Св.Петка – Чикаго)

 

 

Извор: www.mpc-svpetka.com