Невозможно е да се докаже во лабораториска средина дека прехранбен производ го намалува ризикот од рак. Следствено на тоа, научниците треба долго време да ја следат здравствената состојба на луѓето и да почекаат кај некои од нив да се развие рак, надевајќи се последователно да идентификуваат однесување кое е карактеристично за погодените од болеста.

Истражувањето на научниците од Сорбона, Францускиот институт за агрономски истражувања и Францускиот институт за здравство и медицински истражувања опфатило околу 69.000 доброволци, главно жени. Хипотезата е дека консументите на биохрани голтаат помалку синтетички пестициди, додека јадат овошје, зеленчук и житарици, и на тој начин се помалку загрозени од рак, бидејќи се претпоставува дека некои пестициди се канцерогени.

Учесниците пополниле прашалници за приход, физичката активност, дали пушат или не, за индекс на телесна маса и посочиле какви биохрани консумирале во последните 24 часа. Тие потоа биле поделени во четири групи во зависност од потрошувачката на органска храна. Случаите на рак биле забележани во секоја група во просек од четири и пол години. Се покажало дека за учесниците кои изјавиле дека консумираат најмногу биохрани, ризикот од рак е за 25 отсто помал отколку за волонтерите кои воопшто не внесувале слична храна.

Истражувањето сепак открива значајна статистичка поврзаност исклучиво за ризикот од рак на дојка за жените во менопауза и ризикот од лимфоми, особено од „Non-Hodgkin“ лимфом.

Резултатите од студијата се објавени во Journal of the American Medical Association.