Власта бара амнестија за сторениот криминал во изминатите три години истакна меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во вечерашното госување во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

На гостувањето во ТВ емисијата од спротивната страна на Муцунски беше министерот Дамјан Манчевски од СДСМ.

Муцунски е дел и од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јавно обвинителство и е запознаен со деталите од преговорите. Тој посочи дека за време на преговорите, едно од клучните барања на актуелната власт се однесувало на тоа со кои дела ќе се бави новото обвинителство за борба против висока корупција.

Според Муцунски клучното барање на власта било ова обвинителство да не може да гони дела сторени пред истото да биде формирано.

– Знаете ли господине Манчевски кој е предлогот на СДСМ за обвинителство за борба против високата корупција. Предлогот на СДСМ е да има обвинител во борба против високата корупција кој што ќе се занимава со високата корупција од денот кога е основано па натаму. И сега сакате да ми кажете ние ќе формираме нова институција на која што ќе и ги дадеме сите ресурси и сите капацитети, но да заборавиме што се случуваше последните три години, да го оставиме тоа на (Љубомир) Јовевски и на (Вилма) Русковска, а новиот обвинител во кој што велиме сите сакаме да имаме доверба кој што ќе го избереме врз основа на највисоки квалификации, тој само од сега натаму да се занимава. Тука е проблемот бидејќи вие навистина се борите за амнестија, но амнестија на потенцијални злодела и кривични дела кои што се сторени во последните три години. И многу жалам што вие постојано сакате да ја префрлите одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ, рече Муцунски.