Машко лице вчера попладне пријавило дека на патот кон село скопско Горно Оризари, во близина на патот, пронашол црна вреќа, во која имало човечки труп, соопшти МВР.

По наредба на јавен обвинител телото е пренесено во Судска медицина за понатамошна постапка. Утврдено е дека се работи за женско лице.

Девојката била убиена, ставена во црна кеса, па фрлена покрај патот. Како што дознаваме од извори од истрагата, се работи за насилна смрт, а на нејзиното тело имало повреди од удари.

Телото на починатата од местото каде што било фрлено, со наредба на јавен обвинител е предадено во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Откако ќе биде направена обдукција, ќе се знае од што точно починала, како и дали сторителот кој што ја убил оставил траги кој можат да ги донесат надлежните до него.

Црната пластична кеса ја нашол вработен во јавното скопско претпријатие Комунална хигиена додека патувал кон селото Горно Оризари.

Откако вчера околу 16 часот го нашол мртвото тело во пласична кеса, човекот веднаш пријавил во полицијата.

Надлежните го истражуваат случајот, а откако ќе бидат завршени анализите од обдукцијата, ќе може да се соопштат повеќе детали околу насилната смрт кај девојката, како и тоа дали трагите ќе ги одведат надлежните кон можен осомничен.

Истрагата за случајот е во тек.