На 15 и 16 јуни во Преспанскиот регион ќе се одржи манифестацијата „Запознај ја Преспа“ чија цел е да ги прикаже традицијата и убавините на овој регион и да го стави на место какво што заслужува на туристичката мапа.
Во рамки на манифестацијата се планирани дегустација на традиционална храна подготвена од „Рурални жени од Преспа“, од делот на регионот од земјава, но и од соседните Албанија и Грција, презентација на локални органски производи и локални производи од јаболко, турнир во одбојка на плажа, фолклорни танци, игри и забави за најмладите, а во рамки на манифестацијата ќе се одржи и познатата велосипедска трка „Tour de Galicica“, како и планинарска тура.
Планирано е и одржување панел-дискусија на која ќе учествуваат и млади од Грција и Албанија, а ќе разговараат за европските придобивки за регионот Преспа – искуства и можности.
Живко Гошаревски, градоначалникот на општина Ресен, која е една од организаторите, рече дека оваа година сакаат да го означат почетокот на летото и на туристичката сезона во Преспа, да привлечат поголем број гости прикажувајќи го сето она што го нуди овој регион.
-Ова е еден вид промоција во која вклучуваме повеќе настани, како што е посета на фармата Spirit of Prespa“, потоа организација на туристички саем или промотивен панаѓур на производи на храна на фирмите кои опстојуваат во овој регион, презентација на нашиот фолклор, на нашата традиција, рече градоначалникот.
Тој додаде дека со оглед на тоа што регионот, меѓудругото, станал познат и по потпишувањето на Преспанскиот договор, на 15 јуни ќе биде организирана панел-дискусија на која ќе се дискутира за регионот Преспа.
– Ние сме специфичен регион, предел на тромеѓе меѓу нашата земја, Албанија и Грција. Затоа ќе бидат вклучени млади од земјава и од овие две соседни земји, претставници на невладини и граѓански организации, кои ќе разговараат за иднината на младите во Преспанскиот регион, но и за тоа што би значело членството во ЕУ за него и земјата воопшто, рече Гошаревски.
Градоначалникот на Ресен информираше дека целиот настан ќе биде заокружен со голем концерт во кој ќе бидат вклучени македонски, грчки и албански бендови.
Манифестацијата, рече Гошаревски, се одржува првпат, додавајќи дека очекува таа да прерасне во традиционална и секогаш да се одржува на почетокот на туристичката сезона.
Ана Лабор, претставник на фармата „Spirit of Prespa“, која е координатор на настанот што на 16 јуни ќе се одржи на плажата „Дупени бич“, вели дека станува збор за еден мини туристички саем или панаѓур во чии рамки ќе бидат прикажани што е можно повеќе традиционални работи кои се карактеристични за Преспа.
-Застапени ќе бидат „Руралните жени од Преспа“, здружение во кое членуваат 15 жени од македонска, турска и албанска националност, кои ќе бидат на плажата каде ќе приготвуваат традиционални јадења и ќе ги презентираат пред гостите. Ќе бидат поставени и штандови на кои ќе бидат презентирани локални органски производи, како и производи од јаболко што ги прават земјоделците од Преспа, рече таа.
На презентацијата на преспанската храна, ќе има гости од преспанскиот дел на Албанија и Грција, жени кои се партнерски здруженија на здружението од Преспа кои ќе донесат нивни традиционални јадења и ќе ги изложат пред гостите.
-Сакаме да ја ставиме Преспа на туристичката мапа на место кое и доликува, а останатите кои ќе дојдат да можат да ја почувствуваат онака како што ја чувствуваме ние, вели Лабор.
Настаните на манифестацијата ќе се одржат на неколку локации во Преспа. Организатори се Општина Ресен, „Рурални жени“, „Prespa Bike“, во партнерство со Агенција за млади и спорт, „Spirit of Prespa“ и „Преспа“.