На денешен ден во 1934 година атентаторот Владо Черноземски од пиштол скриен во букет пукаше и го уби во Франција југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ.

Во соработка меѓу македонските и хрватските револуционерни организации, Владо Черноземски извршил атентат врз југословенскиот крал Александар, поради неговата хегемонистичка политика на Балканот и кон Македонија.

Во атентатот што се случи во францускиот град Марсеј, Черноземски го убил и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту, а потоа жандармериските сили го убиле атентаторот.

За овој настан има испеано песна во која пораката е дека „Македонија не е јужна Србија“. Хегемонистичкиот режим на Кралството Југославија, на чие чело бил кралот Александар, Вардарска Македонија ја третирал како српска бановина, без право на национално самоопределување на Македонците и право на мајчин јазик.

Во 1967 година во Собранието на СР Македонија, под претседателство на д-р Милан Бартош, била одржана седница на Матичната комисија за формирање на Македонската академија на науките и уметностите, на која било извршено конституирање на МАНУ.

За претседател на МАНУ бил избран Блаже Конески (до 1975), редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, за потпретседател д-р Харалампие Поленаковиќ, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а за секретар Ѓорѓи Филиповски, редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје.

Во 1995 г. Собранието на Република Македонија ја ратификувало Привремената согласност меѓу Македонија и Грција.

Во 1995 година во Скопје умрел Миодраг Друговац, македонски поет, есеист, критичар, книжевен историчар, аналитичар, антологичар, преведувач и новинар. Неговото книжевно-научно и книжевно-критичко дело е мошне обемно. Најзначаен е неговиот пионерски труд „Историја на македонската литература – 20 век“. Роден бил во селото Друговац, кај Пожаревац, во Србија, на 12 октомври 1928 година.

Во 1999 година во Охрид, митрополитот брегалнички г.г. Стефан (Стојан Велјановски) бил избран за поглавар (петти по ред) на Македонската православна црква. Пред него поглавари на Македонската православна црква биле: г.г. Доситеј (Димитар Стојановски), г.г. Ангелариј (Цветко Крстевски), г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев) и г.г. Михаил (Методи Гогов).

Во 2001 година претседателот на Република Македонија Борис Трајковски потпишал изјава со која се потврдувала намерата за амнестија на припадниците на таканаречена ОНА, кои доброволно го положиле оружјето во рамките на мисијата на НАТО „Неопходна жетва“, заклучно со 26 септември 2001 година.

(Подготви: Д. Г.)