На денешен ден во 2000 година, над Скопје е поставен темелникот на еден од највисоките крстови во Европа и во светот.

На врвот на планината Водно над Скопје, на православниот празник Крстовден, а по повод одбележувањето на 2000-годишината од Христовото раѓање, е поставен камен-темелникот на Милениумскиот крст.

Милениумскиот крст се наоѓа на врвот Крстовар на планината Водно, непосредно над градот Скопје. Изградбата е завршена во 2002 година, висок е 66 метри и е една од највисоките градби во Македонија. Милениумскиот крст е дело на архитектите Јован Стефановски-Жан и Оливер Петровски, а изграден е во чест на две илјади години христијанство во Македонија и доаѓањето на новиот милениум.

Изградбата била финансирана од Македонската православна црква, македонската Влада и дарители од Македонија и Македонци од целиот свет.

Крстот е изграден на највисоката точка на планината Водно на место познато како Крстовар, што значи Место на крстот, бидејќи таму во минатото се наоѓал помал крст.

Милениумскиот крст е изработен од челик со висина од 66 метри и со ширина на краците од 46 метри. Составен е од 33 нивоа, секое ниво високо по 2 метра, кои ги симболизираат годините на Исус Христос.

Според некои извори, Милениумскиот крст во Скопје, е петтиот по големина крст во Европа и во светот.

На 8 септември 2008, на Денот на независност на Република Македонија во внатрешноста на градбата е вграден и лифт.

Подоцна до врвот на Водно е изградена и жичницата Милениумскиот крст. Со неа во затворени кабини граѓаните се искачуваат до врвот на Водно и до Милениумскиот крст. Со жичницата стопанисува Град Скопје преку Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Освен за искачување на планината Водно, таа служи и за панорамско разгледување на Скопје и планината Водно.

(Подготви: Д. Г.)