НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во 1943 г. е одржан Првиот свештенички собир на кој е откажана секаква јурисдикција на туѓите цркви врз Македонската

/ 21.10.2020

На денешен ден, 21 октомври 1943 година во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната територија на Дебарца.

Триесетте народни свештеници, изразувајќи ги стремежите и определбите на православното свештенство и на верниците од цела Македонија, донесле мошне значајни одлуки.

Свештениците и македонските христијани биле повикани да се вклучат во Народноослободителното движење и со сите сили и средства да ја помагаат народната војска. Според одлуките на собирот, откажана била секаква јурисдикција на туѓите цркви врз Црквата на Македонија, а во црковната администрација бил воведен македонскиот јазик.

Притоа свештениците се ставиле на располагање на народната власт. Потоа била формирана првата организирана црковна власт, со архиерејско намесништво, а за прв намесник бил поставен заслужниот деец и учесник во НОВ, прота-ставрофор Антим Поповски.

По повод одржувањето на Првиот свештенички собир, во Издеглавје, на 20 октомври 1983 година била откриена спомен-плоча, на куќата каде се одржал собирот.

Други настани на денешен ден:

Во 1990 година во Струга е поставен камен-темелник на новиот црковен храм „Света Петка“.

Истата 1990 година во кумановското село Опае е осветена црквата „Свети Ѓорѓи“.


Од истата категорија