На денешен ден, 26 август, се случиле повеќе настани од поблиската и подалечната историја на Македонија.
Во 1910 година во Скопје е родена Мајка Тереза, чие вистинско име е Агнеса Гонџа Бојаџиу. Таа е основач на сестринскиот ред на милосрдието.
Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Умрела во Калкута, Индија, на 5 септември 1997 година
Во 1904-та во Скопје е роден Томо Владимирски, македонски академски сликар и сценограф. Уметничка школа завршил во Белград.
Од 1929 година работел како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје и во други театри во Македонија. Во сликарството мотиви му биле луѓето, историјата и пејзажи на Македонија. Умрел во Скопје, на 14 септември 1971 година.
Во 1944 година на Кајмакчалан, во борбата против бугарската војска, како комесар на баталјон, загинала Овадија Естреја – Мара, народен херој на Македонија. Родена била во Битола, во 1921 година.
Во 1944-та Бугарија, сојзуничка на Германија во Втората светска војна, соочена со навлегувањето на советските трупи, соопштила дека излегува од војната.
Во 1945 година во Битола бегалците од Егејска Македонија излегле на протестен митинг со барање да престане теророт и прогонот на Македонците спроведуван од страна на грчките власти.
Во 2001 година албанските терористи со експлозив го кренале во воздух и целосно го уништиле мотелот „Бриони“, лоциран покрај реката Вардар, во близина на селото Челопек, Тетовско.
Притоа, од експлозијата животот го загубиле (бидејќи биле најдени врзани со динамит околу телата) двајцата чувари на објектот – Боге Илиевски и Свете Трајчевски.