Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла соопшти дека безбедносните органи ја уапсиле Русинката Дарија Асламова на северот на земјата.

Преку објава на Фејсбук, Свечла рече дека „многу земји докажале дека таа се занимавала со шпионажа за руското воено разузнавање и дека дејствувала под маската на новинарството“.

-Учествуваше и во борбите во Украина со пропаганда за руската инвазија на Украина, напиша Свечла.

На некои фотографии што ги сподели преку својата објава на Фејсбук, Асламова се гледа со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и сирискиот претседател Башар ал Асад.

Свечла рече дека косовските власти биле запознаени со нејзините активности, а според него, на Асламова и е забранет влез во многу земји.

-Нејзиниот обид да влезе во нашата земја, покрај тоа што се совпаѓа со случувањата на северот на земјата, јасно ги докажува руските врски и пропаганди на кои Србија веќе се приклучи и кои имаат за цел да ја дестабилизираат нашата земја, рече меѓу другото Свечла.