Успеа да го направи она што многумина го сметаа за невозможно во 21 век – ја врати поезијата на голема врата полнејќи ги салите на целиот Балкан со својата препознатлива едиција „Поезија на животот“, во чии рамки има објавено неколку збирки поезија: „Низ животот со душа (Kroz život dušom) – неговата прва книга, 2020, „Победа над себе“ (Pobeda sebe), „Благодарен“ (Zahvalan), „Капут“ (Kaput), Prava ljubav… Неговата популарност расте со неверојатна брзина и не е чудно бидејќи зборовите се едноставни, а емоциите силни. Неговите стихови се карактеризираат со длабока интроспекција, искреност и потрага по смислата, љубовта, радоста и среќата во секојдневието. Марко Милошевиќ, српскиот поет, во ексклузивен разговор за МИА зборува и за тоа од каде овие стихови, што мисли за критиката, а што за читатетлите, се живее ли од поезија…

Она што го издигнува Марко над обичниот комерцијален успех е неговиот силен хуманитарен ангажман. Веќе со години комплетниот приход од продажбата на неговите книги е наменет исклучиво за хуманитарни цели. Карактеристично за неговиот проект е што неговите песни ги рецитираат десетици најпознати актери од поранешна Југославија, а самиот тој активно настапува во целиот регион со музичко-поетски вечери во соработка со познатиот кантавтор Борис Режак, каде што ги комбинираат неговите стихови со музика. Милошевиќ е среќно оженет, татко на две деца и живее во Белград.

„Никој не е компетентен да суди за тоа што е добро. Едноставно, подигнете го ракавот – ако сте се наежиле, добро е, ако не, одите понатаму“. 

И додава: „Јас не сум го напишал ова, тоа е од Бога. Но… мислам дека Бог преку едноставни зборови и едноставни емоции допрел до најголемите длабочини, до сржта на нашите души“. 

Скромно, вели дека ова и не се негови зборови, туку само изговорени од него, а создадени од Бог.

„Затоа јас моите песни не ги брусам, затоа не менувам ништо што е од Бога и немам право да менувам. Три минути, пет минути – настанува песна и повеќе никогаш ниеден збор не се менува“, дообјаснува поетот.

Милошевиќ е миленик на женската публика, но полека ги освојува и мажите бидејќи емоциите се заеднички, а неговите стихови се особено емотивни. На неговите настапи додека се изговара поезија – се плаче, а плаче и тој.

„Уште многу песни се пишувани буквално со ечења и со кнедла во грлото. Но затоа и вредат повеќе… Често плачам и кога ги изговарам, иако тоа го правам и стопати; будат некои слики во мене поради кои ми течат солзи од очите“, вели во ексклузивното интервју за МИА.

Со Милошевиќ ги допревме и оние нормални човечки теми – кои сме, што е битно во животот, се слушаме ли…

„Оној момент кога сме го изгубиле контактот со другите, сме го изгубиле контактот и со самите себе. Живееме во некои илузии, живееме туѓи животи, а се забораваме себеси“, коментира за времето што го живееме.

Секако, секој разговор со него вреди повеќе ако поетот рецитира специјално нешто за вас од неговата поезија. Така што, ова се стиховите на Марко само за македонската публика. Повеќе од него лично ќе можеме да слушнеме во октомври кога ќе гостува во Скопје.

 

Живееме во време кога сите зборуваат, а малкумина навистина слушаат. Што Ви потврдува најмногу дека Вашата едиција „Поезија на животот“ не е само уште една минлива содржина на социјалните мрежи, која се „скрола“ и восприма за неколку секунди, туку дека навистина остава подлабока трага кај луѓето?

– Е, па, морам да се согласам со констатацијата дека повеќе никој никого не слуша. Но и покрај тоа што повеќе никој никого не слуша, не се слушаме ни самите себе. Оној момент кога сме го изгубиле контактот со другите, сме го изгубиле контактот и со самите себе. Живееме во некои илузии, живееме туѓи животи, а се забораваме себеси.

Јас мислам дека преку овие шест години успеав да се вратам себеси на себе, а со тоа и секој да се врати на себеси на тој начин што ќе ги слушне тие стихови, ќе се препознае во нив, ќе го препознае својот живот, своите емоции, своите проживеани и преживеани нешта, кои се составен дел од животот. Затоа компилацијата се вика „Поезија на животот“.

Така што, тоа ме радува. Не е работата само да се „скрола“; на настапите барем 10 отсто од луѓето секогаш знаат напамет по некоја песна и ја повторуваат со мене. Така што, тоа е голема победа за поезијата, голема победа за она за што живеев последните шест години и за што ќе живеам додека сум жив.

Постојат мислења во книжевните кругови дека Вашата поезија е премногу едноставна, а милиони читатели токму во таа едноставност ја препознаваат нејзината најголема сила. Дали авторот воопшто треба да се обидува да ја убеди книжевната критика во вредноста на својот труд или за Вас единствен и врховен судија е исклучиво читателот?

– Па, мене првИН ме интересира кој е достоен и кој е воопшто компетентен да биде книжевна критика. Според мене – никој. Единствениот што може да критикува е народот, кој таа поезија ја сака или не ја сака. Никој не е компетентен да суди за тоа што е добро. Едноставно, подигнете го ракавот – ако сте се наежиле, добро е, ако не, одите понатаму.

А јас мислам дека животот го чинат едноставни нешта. И кога ќе изговориш толку длабочина преку едноставни нешта, за мене тоа е мајсторство. А не оној што чита да не знае ни кој е зборот, ни за што служи, ни што значи, па со некои архаични зборови да се кројат стихови, кои не му се блиски ниту на оној што ги пишувал, а камоли на оној што ги чита.

Така што, не сум го напишал ова јас, ова е од Бога. Но… мислам дека Бог преку едноставни зборови и едноставни емоции допрел до најголемите длабочини, до сржта на нашите души. Така што, ете, тоа е мојата констатација за она што книжевната критика смета дека моите песни се едноставни.

Станавте апсолутен феномен меѓу женската публика на Балканот. Жените масовно се изедначуваат со Вашите стихови, а неретко Вас Ве посочуваат пред своите партнери како пример како мажот би требало да ѝ се обраќа на жената и да ја разбира нејзината душа. Како се справувате со таа одговорност, а можеби и со „љубомората“ на машката популација? Дали Ви се јавуваат мажи со молба да им напишете песна за нивните избранички или со прашање како да станат такви романтични поети?

– Па, да, интересно е прашањето и благодарам што имате вакви прашања, кои не се стандардни – она како почна сè. Да, дефинитивно е 90 отсто… Беше 95 отсто, сега тој процент се намали на 90 отсто женска публика. Можеби затоа што мажите некако…, знаете ние мажите на Балканот сме воспитани дека треба да се срамиме да покажеме емоции, дека сме слаби ако плачеме, дека сме кршливи ако некому му изјавиме љубов и дека со тоа ја губиме својата машкост.

Јас не би се согласил со тоа, а сè повеќе, дури и некои млади момчиња, ја ползуваат поезија и ги зборуваат моите стихови за да ги фасцинираат своите женски половини. Така што, сè повеќе се зголемува бројот на мажи на настапите.

А љубомора не треба да има бидејќи, навистина, сè ова што се пишува е некако искрено, чисто и јасно. И служи токму за таа цел – секој со интерпретацијата на тие стихови, кои, повторувам, се од Бога, да допре до своите желби и да оствари, да заведе некого што му се допаѓа.

Така што, се зголемува тој број на мажи, но, дефинитивно, мислам дека и понатаму жените може први да ги почувствуваат тие емоции и да признаат дека смеат да ги почувствуваат.

Но бидејќи јас не пишувам само љубовна поезија, мислам дека на многу мажи, а и жени, овие песни им служат за да најдат утеха за некои нивни трагедии или таги. И да видат дека не се сами во тоа и дека многумина од нас се борат и со стравови и со тага и се соочуваат во животот со многу пречки од кои треба да излезат како победници.

Во оној момент кога ќе престанеме да мислиме дека животот е убав и дека се подразбира оти сè тече онака убаво и без никакви пречки… во оној момент кога ќе се помириме со тоа дека во животот може да се наиде и на камен и на нагорнина, ние полесно ќе минуваме низ сето тоа и ќе ги надминуваме тие пречки многу полесно.

Некогаш со насмевка, некогаш со тага, но секогаш со стиховите – полесно.

Вашите поетско-музички вечери во соработка со Борис Режак ги полнат салите во Србија, а за октомври најавувате и доаѓање во Македонија, каде што публиката со нетрпение Ве очекува. Од каде воопшто идејата за ваков концепт на сценска промоција? И ако ги оголиме работите до крај, дали поетот во 21 век успева финансиски да заработи и да живее од својата поезија или тоа и понатаму е само скапа духовна инвестиција?

– Па, морам да кажам, да, соработката со Борис почна уште пред три и пол години и некако музиката оди заедно со поезијата. Поезијата што се пее оди со поезијата што се говори. Концептот е мој, идејата е моја, а во Борис препознав некој што со своите песни може да го испрати тоа на најдобар можен начин. Покрај тоа, јас соработувам и со својот бенд и секоја вечер носи некаква различност, исто како што секој миг носи емоција што не може да се повтори.

Тоа е резултатот поради кој луѓето доаѓаат и 20-25 пати на моите настапи и, едноставно, нема, нема исто во она што се наоѓа во истите стихови. Некогаш се слуша збор повеќе, кој можеби значи многу повеќе и целосно ја менува песната.

А… сè до оној момент додека сум подготвен да платам онолку колку што би заработил од тој настап – јас сум подготвен да платам само за да го имам тој настап воопшто пред публика, која така го голта сè она што го работам и го живее она што јас го работам. А и јас го живеам она што го работам – сè тоа е една добра инвестиција.

Не е важно дали може да се преживее, важно е дали може да се живее од она што се работи. А јас живеам за она што го работам и сè додека е така, така и ќе биде. А во оној момент кога ќе почнам да ги одработувам настапите, само за да заработам пари, јас ќе престанам да се занимавам со ова со кое се занимавам бидејќи не е сè во парите.

Потврда за сето тоа е што веќе шест години комплетната заработка од продажбата на книгите оди во хуманитарни цели. Така што, ова ниту почна ниту беше проект од кој јас ќе заработувам и ќе живеам. Ова почна и до крај ќе биде еден дар од Бога и моја желба да оставам нешто што ќе остане зад мене за некои нови, помлади генерации, кои ќе знаат во овие луди времиња да ги сочуваат вистинските убавини. И ќе ги ценат убавите зборови, а не некој сленг што го користат во секојдневниот живот.

Мораме да ја негуваме љубовта, да ги негуваме емоциите, да плачеме кога ни се плаче, да се смееме и да сакаме. Во оној момент кога ќе го изгубиме тоа, ние сме ги изгубиле нашите животи.

Во Вашите збирки ретко има цинизам, иронија или гнев, кои инаку се доминантни во модерната книжевност. Дали е тоа Ваш свесен избор и штит од суровата реалност или Вие, едноставно, така длабински, преку оптимизам и љубов, го доживувате светот околу себе?

– Мене цинизмот, иронијата и сè друго ми се туѓи. Јас мојата иронија не ја искажувам преку иронија, туку ја кажувам онака како што е. Така што, не морам да ја менувам формата на нештото за да биде суштината јасна. Јас ја изговарам токму онаква каква што е формата, односно каква што е суштината, бидејќи мојата форма е еднаква на суштината.

Мене ми се туѓи тие цинични и… тој начин на комуникација. Едноставно, јас зрачам со искреност, љубов, чистота. Се трудам да живеам онака како што пишувам, што секако е невозможно секогаш, но нека биде барем половина од она што Бог ми дал да го кажам – јас сум задоволен.

Туѓи ми се тие нови, модерни форми и сè што е модерно – за мене е туѓо. Веројатно сум залутал во периодот во кој живеам, но можам да ги вратам тие некои спомени на оние убави периоди кога се знаеше што е воспитување, што е почитување, што е љубов. И така ќе биде секогаш, така ги воспитувам и децата, а така се однесувам и јас.

Дали постои песна од Вашиот досегашен опус која целосно Ве скрши и Ве расплака додека ја пишувавте? Ако постои, која е таа песна и дали е некогаш објавена?

– Па, сите песни, односно 90 отсто од моите песни се мои, лични, проживеани и поврзани со мојот живот и со моите најблиски. Би почнал од песната „Капут“, па потоа… „И јас ќе чекам на ред“ – кога ќерка ми тргнуваше на училиште, па „И ти во училиште тргнуваш“ – кога син ми тргнуваше на училиште и уште многу песни, кои се пишувани буквално со ечења и со кнедла во грлото. Но затоа и вредат повеќе.

Нема… па, или барем има малку песни од кои барем не сум се… барем не сум затреперил, а често, често и сум заплакал. Често плачам и кога ги изговарам, иако ги изговарам и стопати; пробудуваат некои слики во мене што ми носат солзи во очите.

А потврда дека на настапите 90 отсто од публиката заплакува барем на една песна е тоа што зборот е искрен. И моите рими не се пишувани за да им се допаднат на другите, туку да бидат одраз на оној момент во кој настанале. Така беше и така секогаш ќе биде. Затоа јас моите песни не ги брусам, затоа не менувам ништо што е од Бога и немам право да менувам. Три минути, пет минути – настанува песна и повеќе никогаш ниеден збор не се менува. Така ветив на почетокот и така ќе биде.

Кога ќе прочитате некои свои стихови од првата збирка „Низ животот со душа“ (Kroz život dušom) или збирката „Победи го себе“ (Pobeda sebe), дали Ви се случува да помислите: „Ова денес, со ова животно искуство повеќе не би го напишал“? Која животна лекција најмногу Ве чинеше, а често се провлекува меѓу редовите во Вашите книги?

– Песните што се пишувани, особено во првата збирка „Низ животот на душата“, настанаа многу порано, во некои мои поранешни животни фази, и навистина е убаво тоа што го забележавте. Меѓутоа, јас го потпишувам секој збор што сум го напишал и ништо таму не би менувал бидејќи тоа настанало во моментот кога требало да настане и кога морало да настане. И сето тоа е мојот живот.

Созревањето не значи дека сме попаметни; да, поискусни сме, но поинаков е погледот на животот, поинаков е погледот на моментот. И, не, секој свој стих го потпишувам, со радост го изговарам и гордо стојам дури и зад моите први песни што ги напишав во петто одделение во основно училиште. Така што, ниту таму ништо не би менувал.

Секако дека созреваме, секако дека тоа сега звучи сè можеби… има поинаква тежина, но мудреците и старците се нешто што… ниту тие не се родени такви, тие станале тоа низ животот. Така што, ете, и јас со годините тоа полека го разбирам и созревам.

Често пишувате за љубовта, семејството и за минливоста на животот. Која е таа тема што сè уште ја немате допрено во Вашите книги, а чувствувате дека полека доаѓа време да проговорите за неа?

– Нема теми што не сум ги допрел, темите се универзални – животот, затоа и се вика „Поезија на животот“. Мислам дека нема сегмент од животот што сè уште не сум го допрел или кој сè уште не сум го спознал самиот, па тогаш веројатно и немам можност да пишувам за тоа. Но, дефинитивно… поезија на животот, животот, разни теми, а суштината е иста – да го живееш.

За крај, која е најголемата заблуда што луѓето, оние што Ве познаваат само преку стиховите и екраните на мобилните телефони, ја имаат за Вас? Кој е, всушност, Марко Милошевиќ кога ќе се изгаснат светлата на сцената и кога ќе остане без проектот „Поезија на животот“?

– Марко Милошевиќ е токму онаков каков што го доживуваат луѓето. Некои имаат капацитет да го доживеат во полн сјај, некои немаат капацитет, некои не ме разбираат, некои ме поддржуваат, некои ме осудуваат. Така што, Марко… сето тоа зависи од окото на набљудувачот. Најважно е оние што се секој ден покрај тебе – тие да те разбираат, тие да те сакаат и ти да ги сакаш нив.

А Марко Милошевиќ секогаш ќе биде онаков каков што е и не постои проект „Поезија на животот“, постои само поезија на животот. Бидејќи ова никогаш не било, ниту ќе биде проект. Ова, едноставно, е нешто што самото се случи. Ви благодарам на прекрасниот разговор, на прекрасните прашања и голем поздрав до публиката од Македонија.