Федералниот суд на САД осуди на повеќе од пет години затвор демонстрант кој учествуваше во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година. Ова е досега највисоката казна за учеството во нападот на Капитол.

Американското Министерство за правда соопшти дека Роберт Скот Палмер од Ларго, Флорида, е осуден на 63 месеци затвор за напад на полицијата во немирите во Капитол.

Поддржувачите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп на 6 јануари упаднаа во Капитол со намера да спречат потврдување на победата на Џо Бајден на претседателските избори во Конгресот.

Судот наведува дека Палмер фрлил дрвена даска и противпожарен апарат кон полицајците кои се обидувале да ги спречат демонстрантите, а потоа со шипка ги нападнал полицајците.

Палмер е првиот меѓу учесниците во немирите на 6 јануари кој е осуден по обвинение за напад, давање отпор или попречување на службено лице со употреба на оружје.

Палмер беше уапсен на 17 март. Тој се изјасни за виновен на 4 октомври.

Во нападот на Капитол загинаа пет лица, повредени се голем број полицајци, а причинета е штета од околу милион и пол долари. Повеќе од 700 демонстранти се обвинети, а Палмер е 65-та личност осудена на затворска казна.