Денеска е 5 декември (по стар стил) и се слави Преподобен Нектариј Битолски.

Родум од Битола. Се подвизуваше најпрво во манастирот Свети Врачи кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј.

Потоа премина во Кареја, на Света Гора, каде што го продолжи подвигот под раководство на старците Филотеј и Дионисиј во келијата на Светите Архангели.

Откако ги победи човечката завист, демонските напасти и тешките болести, се пресели во Царството Христово, на 5 декември 1500 година.

Неговите чудотворни мошти цели, нетлени и благоухани, почиваат во истата келија.

Во Битола се слави Св. Нектариј Битолски – заштитникот на градот

Во Битола денеска се слави 18 декември – Ден на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“, востановен празник од локалната самоуправа и преспанско-пелагониската епархија.

Празничните свечености почнаа синоќа со концерт на хорот „Стив Наумов“ кој се одржа во битолскиот Офицерски дом, а продолжија утрово со литургија која од 08 часот се одржува во Соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“.

Според востановената традиција, претпладнево на Широк сокак ќе се одржи Литија која ќе ја предводи митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, а во 14 часот градоначалникот на Битола Тони Коњановски, на посебна свеченост во Офицерски дом, ќе додели пофалници на наградени талентирани ученици од основните и средните училишта кои годинава покажале посебен успех и резултати во школувањето.

Фото: МИА