Шеста недела по Пасха

Споменот на Првиот Вселенски Собор се празнува во Православната Црква од древните времиња. Иисус Христос остави големо ветување за Црквата: „Ниту вратата на адот нема да ја надвладее“. Во тоа радосно верување се наоѓа пророчко укажување дека иако Црквата Христово на земјата ќе поминува низ тешка борба со непријателот на спасението, победата е на нејзина страна.

Светите маченици ја посведочија вистинитоста на зборовите на Спасителот, претрпувајќи страдања заради исповедањето на името Христово, но мечот на гонителите се отклони од победноносното знамение на Крстот Христов.

Во IV век прекинаа прогоните на христијаните, но во самата Црква се појавија ереси, и борејќи се против нив, Црквата свикуваше Вселенски Собори. Една од најопасните ереси беше аријанството. Ариј, свештеник од Александрија, беше човек безмерно горд и честољубив. Тој го отфрлаше Божественото достоинство на Исуса Христа и Неговата еднаквост со Бога Отца, и лажно учеше дека Синот Божји не е Единосуштен на Отецот, туку е створен од Отецот во времето. Помесниот собор, свикан од Александрискиот патријарх Александар, го осуди лажното учење на Ариј, но Ариј не се покори, туку напиша писма до многу епископи, жалејќи се на одлуките на овој помесен собор, и така го прошири своето погрешно учење по целиот Исток, бидејќи доби поддршка од некои епископи.

Заради разгледување на појавениот смут, светиот рамноапостолен император Константин се обрати до епископот Осиј Коробски, од кого доби одговор дека ереста на Ариј е насочена против самиот основен догмат на Христовата Црква. Затоа Константин свика Вселенски Собор, кој се одржа во градот Никеа, во 325 година, на кој се собраа 318 епископи – претставници на христијанските Црква од сите краишта. Помеѓу дојдените епископи имаше многу исповедници, кои пострадаа во времето на прогонот и кои на своите тела ги носеа трагите од измачувањата.

Учесници на соборот исто така беа големите светители на Црквата – свети Николај, архиепископ Мирликиски, свети Спиридон, епископ Тримитунтски и други почитувани Црковни свети отци. Александрискиот патријарх Александар дојде со својот ѓакон Атанасиј, кој подоцна ќе го наследи на патријаршискиот трон, и којшто е од Црквата наречен Велики, како ревносен борец за чистотата на православната вера.

Рамноапостолниот император Константин присуствуваше на заседанијата на соборот. Во своето обраќање, произнесено како одговор на поздравот од епископот Евсевиј Кесариски, тој рече: „Бог ми помогна да ги победам нечестивите власти кои ја гонеа Црквата, но уште поголема скрб одошто било која војна, или крвопролевање, ми создава несразмерно попогубната внатрешна борба во Црквата Божја“. Ариј, кој од своја страна имаше 17 епископи, се држеше гордо, но неговото учење беше отфрлено и тој беше одлачен од Црквата. Светиот ѓакон Атанасиј Александриски во својата реч конечно ги поби богохулните измислици на Ариј.

Отците на Соборот го отфрлија символот на верата кој го предлагаа аријанците. Наместо тоа, беше утврден православен символ на верата. Во Никејскиот символ светите отци го формулираа апостолското учење за Божественото достоинство на Второто Лице од Пресветата Троица – Господа Иисуса Христа. Ереста на Ариј, како заблуда на гордиот разум, беше разобличена и отфрлена.

По решавањето на главното догматско прашање, Соборот востанови уште дваесет канони (правила) по прашања од црковната дисциплина и управување. Беше решено прашањето за денот на празнување на Светата Пасха. Според указот на Соборот, Света Пасха треба да се празнува од христијаните не во ист ден со јудејската пасха, односно во првата недела после пролетната рамнодневница.