Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска треба да му го предаде мандатот за составување нова влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Претседавачот на Собранието, пак, Талат Џафери најави продолжение на конститутивната седница и избор на претседател на Законодавниот дом.
Во текот на денот треба да се одржи и заеднички состанок на лидерите на партиите од албанскиот политички блок што го иницира претседателот на ДУИ Али Ахмети. На состанокот нема да присуствуваат Африм Гаши од Алтернатива и неговиот коалициски партнер и лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села кои бараат одложување за наредната недела, по 17 август. На лидерската кај Ахмети нема да оди ниту претседателот на Беса, Билал Касами, кој смета дека таков состанок треба да се одржи по формирањето на новата влада.
– Зоран Заев, во име на коалицијата „Можеме”, која има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќето партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на Владата, вака гласеше вчерашното кусо соопштение од Кабинетот на Пендаровски кој мандатот на Заев ќе му го предаде во 12 часот во Вила Водно.
Од Кабинетот претходно информираа дека Пендаровски се консултирал со експерти, а заклучокот бил јасен, дека Собранието е конституирано на 4 август и оттогаш течат уставните рокови за доделување на мандатот. За да се смета дека Собранието е конституирано, како што наведе Кабинетот на Пендаровски, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор.
Според претседавачот на Собранието, Талат Џафери, пак, доколку претседателот Пендаровски го додели мандатот за формирање влада без да биде избран новиот собраниски спикер, тогаш неговиот чекор би бил противуставен.
– Неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен. Неовластен човек не може да ги информира пратениците, смета Џафери.
Но, шефот на државата останува на ставот, соопштија од Кабинетот.
–Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Џафери, останува на неговиот став кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции. До петок, кога истекува десетдневниот рок, ќе го додели мандатот за составување нова влада на оној кој ќе има мнозинство, стои во реакцијата од Кабинетот на Претседателот кој, како што се додава, го очекува дописот со кој Џафери ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.
Џафери вчера им дал насоки на собраниските служби за денеска да подготват продолжение на конститутивната седница и избор на претседател на законодавниот дом. Рече дека, штом претседателот Стево Пендаровски ќе му го додели мандатот на Зоран Заев за формирање Влада, значи дека лидерот на СДСМ има мнозинство.
– Од медиумите дознав дека Пендаровски ќе му го додели мандатот на Заев, што според Уставот значи дека Заев има мнозинство и дека е подготвен за избор на претседател на Собранието со што ќе заврши и официјално конститутивната седница и Собранието ќе биде конституирано. Затоа им дадов насоки на собраниските служби за утре да подготват продолжение на конститутивната седница, изјави Џафери.
Сепак, како што објавија дел од медиумите, одржувањето на денешната седница е неизвесна. Можна причина се семејни обврски на Џафери. Тој синоќа на неговиот фејсбук профил објави дека добил внук од ќерка. Од собраниските служби засега нема никакво официјално соопштение, а седницата не е најавена и на веб страницата на Собранието.
За несогласувањата меѓу Пандаровски и Џафери, претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати е дециден дека одговорите на прашањето дали Собранието е конситуирано или не се во Уставот и во собранискиот Деловник, а проблемот настанува при различно толкување на учесниците во процесот.
– Прашањата на кои се бара одговор се уредени со Уставот и со Деловникот на Собранието. Член 90 став 1 од Уставот го определува рокот во кој треба да се додели мандатот за состав на Владата, додека со Главата II од Деловникот на Собранието e уредена постапката на конституирање на Собранието на РС Македонија, изјави Мурати за МИА.
Според него, се чини дека проблемот настанува при различното толкување на овие одредби од страна на учесниците на процесот, но и од одредени случаи во минатото при доделување на мандатот за состав на Влада на кои се укажува како на воспоставена пракса, нагласува Мурати.
Околу доделувањето на мандатот се огласи и СДСМ. Соопшти дека согласно член 90, став 1 од Уставот, за мандатар е предложен Зоран Заев.
– СДСМ и Коалицијата „Можеме“ го известила претседателот Стево Пандаровски дека мандатор за составување на новата Влада е лидерот на партијата Зоран Заев. Со оглед на истекот на уставните десет дена по конституирањето на Собранието, од страна на Претседателот на државата до коалицијата „Можеме“ беше побарано известување за предлог за кандидат за мандатар за состав на. Од страна на СДСМ и коалицијата „Можеме”, согласно член 90, став 1 од Уставот, за мандатар е предложен Зоран Заев, соопштија од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, останува на ставот дека Собранието не е комплетно конституирано. Нема ниту нови информации за разговорите за формирање Влада.
– Претседавачот Џафери веднаш по точката за верификација на мандатите ја прекина конститутивната седница и практично во овој момент, како што стојат работите, имаме некомплетно конституирано Собрание без претседател на Собранието, што е дел од политички договор. Тоа било така и во минатото, и доколку го сумираме ставот накратко, во овој момент не е комплетно конституирано македонското Собрание, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Според Уставот, по доделувањето на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во исто време со врачувањето на мандатот за составување нова влада на Заев во претседателската Вила Водно, лидерот на ДУИ ги повика на заедничка средба челниците на партиите од албанскиот политички блок. Покрај Села, Гаши и Касами, кои кажаа дека нема да присуствуваат, поканет е и лидерот на ДПА Мендух Тачи.
Од ДУИ не го коментираа откажувањето на Села, Гаши и Касами, но велат дека остануваат отворени за натамошни средби во текот на следната недела или на кој било иден датум за кој, како што наведуваат, би се договориле на денешната заедничка средба.
Иницијативата на Ахмети за лидерски состанок на партиите од албанскиот политички блок, ја критикуваше претседателот на СДСМ Зоран Заев, оценувајќи ја како „притисок врз него и Коалицијата Можеме за премиер по предлог на ДУИ“.