По бурните реакции од Хрватска, за изјавите на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, кој Хрватска ја нарече „усташка“ држава, а хрватската влада „фашистичка“, неофицијално дознаваме дека се врши притисок врз Тозија сам да си даде оставка.
Нашите извори велат дека од Тозија било побарано тивко да замине од функцијата, со давање оставка. Министерот за надворешни работи Никола Димитров наводно се обидел да го заштити и целата работа да се одложи до избори, но, високи владини фукнционери инсистирале тој да даде оставка, велат нашите извори, кои бараат да останат анонимни.
Денеска за случајот со Тозија се произнесе и хрватското Министерство за надворешни работи, кое ги осуди навредливите изјави на социјалните мрежи од директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Горјан Тозија, за Република Хрватска.
Во телефонскиот разговор хрватскиот министер Гордан Грлиќ Радман му истакнал на неговиот колега, министерот Никола Димитров, кој се дистанцираше од овие индивидуални изјави, кои, како што нагласи, не ја отсликуваат надворешната политика на Македонија.
Денеска се јави и Здружението на загрепски бранители- доброволци од Вуковар, кое испрати отворено писмо до хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, во кое побара хрватската Влада да реагира за навредите на Тозија упатени кон Хрватска, која ја нарече „фашистичка“ и „усташка“.