Извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за анализите на водата во Гостивар, според неофицијални информации до кои дојде Курир, покажува дека во два од четирите испитани примероци се пронајдени фекални колиформни бактерии, додека во еден примерок е утврдено и зголемено присуство на хлор.

Доколку овие информации бидат официјално потврдени од надлежните институции, тие би можеле да укажуваат на сериозни пропусти во управувањето со водоводниот систем, кој е под надлежност на локалната самоуправа.

Според сознанијата на КУРИР, една од насоките што ги испитуваат надлежните институции е можноста во водоводната мрежа да дошло до навлегување на фекално загадување, по што било спроведено дополнително хлорирање на водата како мерка за дезинфекција.

Неофицијално, извештајот на Институтот за јавно здравје веќе е доставен до Основното јавно обвинителство, кое треба да ги преземе понатамошните чекори во рамки на истрагата.

Од надлежните институции засега нема официјална потврда за содржината на извештајот. КУРИР ќе продолжи да го следи случајот и ќе ја информира јавноста веднаш штом бидат објавени официјалните резултати и евентуалните мерки што ќе бидат преземени.