Ако дури и Германците се растревожени за опасностите во светот денес, ова е можеби моментот кога сите треба навистина да почнеме да се грижиме.

Ако ја пресечете маглата од банални прокламации што произлегоа од главната сцена на Минхенската безбедносна конференција за западната солидарност и заедничката цел овој викенд, не можете, а да не ја забележите вознемиреноста и загриженоста под површината.

И покрај тоа што западните лидери си честитаа за нивната великодушност кон Украина, на вооружените сили на земјата им снемува муниција, опрема, па дури и луѓе. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ја отвори конференцијата од Киев во петокот, го повика слободниот свет да испрати повеќе помош – и тоа брзо. „Ни треба брзина“, рече тој.

Потпретседателката на САД, Камала Харис, ја вжешти ситуацијата во врска со Русија на друг фронт, обвинувајќи ја за „злосторства против човештвото“. „Да се согласиме сите. Во име на сите жртви, познати и непознати: правдата мора да биде задоволена“, рече таа.

Со други зборови, руските лидери би можеле да се соочат со Нирнберг 2. Тоа сигурно ќе направи нервозни неколку луѓе во Москва, особено оние кои се доволно стари да се сетат што му се случи на југословенскиот моќник Слободан Милошевиќ и неговата придружба.

Ништо помалку тензична е ситуацијата и во Азија. Тајван останува во состојба на готовност, додека се обидува да го предвиди следниот чекор на Кина. И во Минхен изјавите не беа охрабрувачки.

„Она што се случува денес во Европа може да се случи утре во Азија“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји не направи ништо за да се спротивстави на тој наратив. „Дозволете ми да ја уверам публиката дека Тајван е дел од кинеската територија“, рече Ванг на конференцијата на прашањето за плановите на Пекинг за островот. Тајван „никогаш не бил држава и никогаш нема да биде држава во иднина“.

За некои присутни, атмосферата во преполниот хотел Бајеришер Хоф, каде што се одржа собирот, имаше ехо од 1938 година. Таа година, главниот град на Баварија беше домаќин на конференција што резултираше со озлогласениот Минхенски договор, со кој европските сили и ја отстапија Судетската област на Германија, правејќи погрешен чекор за кој веруваа дека може да го зачува мирот.

„Сите знаеме дека надвор има бура, но овде внатре во Бајеришер Хоф се изгледа нормално“, напиша Ендрју Михта, декан на Колеџот за меѓународни и безбедносни студии во Маршаловиот центар со седиште во Германија. „Сè изгледа толку рутинско, а сепак се смени одеднаш кога еден украински парламентарец остро и кажува на публиката дека не успеваме да дејствуваме доволно брзо“.

Единствените луѓе кои беа насмеани на годинашната безбедносна конференција беа производителите на оружје и воена опрема. Продажбата на оружје цвета според сите пресметки.

Дури и Германија, која во последниве години ја усоврши умешноста да го објаснува своето неисполнување на обврските за одбранбени трошоци во НАТО, вети дека ќе го смени курсот. Навистина, се чинеше дека германските функционери се обидуваат да се надминат еден со друг за да докажат колкави „јастреби“ станале.

Канцеларот Олаф Шолц вети дека „постојано“ ќе ја исполнува целта на НАТО за трошоците за одбрана за земјите членки од два отсто од БДП.

Новиот германски министер за одбрана Борис Писториус, социјалдемократ како Шолц, отиде уште подалеку, велејќи дека „нема да биде возможно да ги исполниме задачите што стојат пред нас со издвојување од само два проценти за воени трошоци“.

Имајте на ум дека на почетокот на минатата година, водечките германски социјалдемократи сè уште бараа од САД да ги отстранат сите свои нуклеарни боеви глави од германска почва.

Со други зборови, ако дури и Германците се разбудиле со опасностите од моменталната геополитичка состојба во светот, ова може да биде моментот навистина да почнеме да се грижиме.

Метју Карничинг / Политико

Фото: ЕПА/МИА