Илјада и петстотини денари за министер и само илјадарка за заменик министер трошок за работен ручек, најави вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски објавувајќи владината одлука за користење на финансиските средства за угостителски услуги.

– 1.500 денари ќе може да потроши министер за работен ручек, а 1.000 денари заменик министер. Мора да има писмена резервација за работниот ручек со потврда и писмена информација за бројот на поканети лица, природата и целта на состанокот. Воспоставена е целосна постапка од писмена резервација до извештај зошто е закажан ручекот. Сериозно се ограничени привилегиите и се зголемува транспарентноста. Граѓаните ќе знаат на каков работен ручек бил одреден министер, рече Николовски.

Ова се случува откако во јавноста беа објавени астрономски суми на министри во владата за трошоци за угосителски услуги, а Николовск и порано изјавуваше дека на министрите „им се брои секоја чаша вода“.